Што сонуваш и шепотиш и мислиш кога по ноќва моја прстите твои бладаат можеби сакаат да ја откријат вистината што грее меѓу рацете и градите Јас и ти сме како тревата и ветерот: допирот нѐ крена од едно јалово мирување затоа сега нѐ вознемирува овој наслутен лет со кого плискаат љубопитни нашите дланови глуви Желбата благо се нурка во твоите широки очи и шуми за кревкото стебло што скоро ќе се роди
„Дождови“
од Матеја Матевски
(1956)
Беше си пригодил сенце, шумичка за овците и козите, слама за говетцата и магарашките, та не пуштајќи ги на паша, бидејќи земјата беше бела, тој им скубаше сено од стогот и шума од лисниците и им фрлаше по трипати на ден и си лежеше испружен крај огнот во колибата, чурејќи си го лулето со убав канатларски тутун, што, заедно со лебецот, сланинката, сиренцето, грашецот и леќичката, редовно му го испраќаше Миша по комшијата Суклета.
„Толе Паша“
од Стале Попов
(1976)
Сонцето ќе се опули, и сите работат и јас работам. Некои собираат желади, други кастрат шума за лисници.
„Пиреј“
од Петре М. Андреевски
(1983)