мачката никогаш не заспива сосема или номадството како инспиративна деструкција ...како оптегната топлокрвна мачка пред разурнатите порти на златниот храм рамнодушна за светите знаци на каменот за тебе и за твоите шумски распојасани придружници овие ракописи со векови недостапни за надворешниот свет се само листови хартија ѕидовите на тишината те нервираат би ги здробила со жешкиот крик на летото во пот во трк кон отворено небо свирепа јавачке колку безначајни те се тромавите мислители што по библиотеките умираат за бесмртноста би ги впрегнала под себе би ги камшикувала во сопствената крв да ја сетат сласта на минливоста напред напред тагата чувај ја внатре зад погледот нека другите страдат за тебе нека прскаат мускулите потоа испружи се со испрекинат здив дива прекрасна сред моите нечитки неважни песни...
„Или“
од Александар Прокопиев
(1987)
Тишината те плашела единствено
кога си била во друштво
со други.
В зори ќе се зари, озарено
лицето на светлината
а ти меланхолично ќе се обидеш
да ги отстраниш флеките на Луната
да се исправиш на нозе
небаре го држиш цврсто во свои раце
универзалното клатно на
рамнотежата
небаре си нашла решение
како да излезеш на крај со
депримираноста
божем ја игнорираш и
ѝ вртиш грб
ама и грбот има
очи !
„Ерато“
од Катица Ќулавкова
(2008)