И се потсетува на она кога татко му имаше решено да го продаде за да плати некаков долг и кога очите постојано му одеа на него, а душата му ја стегаше жал: го жулкаше, му ја бришеше прашината на стаклото, на кутијата изработена од ореово дрво со разни фигури од билниот и животинскиот свет: цветови, плодови, животни, птици; бројките и стрелките позлатени на таблата порцеланска, а крај секоја бројка нацртани зодијаци и други небесни знаци.
„Животраг“
од Јован Стрезовски
(1995)