сочност (имн.) - на (предл.)

...затоа овие текстови настанати колку што е можно повеќе во процесот на сопственото ослободување од дистанцата ги чувствувам како разоткривање на мојот пат кон новата проза па ја молам почитуваната редакција да ги прифати како мој предлог во поттикнувачката дискусија што започна да се води на страниците од вашето значајно литерарно гласило... искрено свој, зошто ги сакам кроки цртежите или како да се претрча тревогата од разделбите ...сочноста на зрелиот плод впиена во белината на хотелските соби сокот од нутрината излиен попатно танц фигури во постелината во воздухот допира против вечноста летот на недопуштената цигара кон езерото жарот и водата во неподносливоста куса и жешка средба...
„Или“ од Александар Прокопиев (1987)
Ќе ти влезе во свеста ќе ти се пикне под кожа ќе забега во зоната на интимата и оп, еден ден ќе му појде од рака да го состави она што ти си го скршила да го препише она што ти си го избришала да го ископа она што ти си го потиснала длабоко во тебе, со луд ум на лавина да го открие она што си го забранила за јавна употреба;  ќе ги размрсува и повторно ќе ги замрсува знаците-јазли на твојот личен и на македонскиот синдром ќе си поигрува со преобразбите од дамнини до иднини од лично до колективно ќе ги претвора софистицираните искази и поетските евокации во егзистенцијални слики за да ја долови речито сочноста на твоите исконски мори на твоите детски занеси на твоите судбински застранувања;  можеби ќе те надмине со помош на вродената смисла да глуми да ја игра улогата на другиот да се губи во другиот небаре голтнат од ништото.
„Ерато“ од Катица Ќулавкова (2008)