Работеа во Грција, градеа некаков санаториум крај маслинките на едни стари гробишта, подалеку од градот, ѕидаа повеќе зданија, а оној работеше на сонцето од сите тие денови, ги дигаше како од шега сите оние огромни блокови делкан камен, а неговата црвена коса како да расцутуваше на сонцето на тоа лето, беше постојано среќен и широко насмеан, со сите нив околу себе, со сите ѕидари и со сите деца, секогаш готов да стори нешто за секого од нив со оние огромни пегави и црвено издамчени рачишта да им помогне, а при тоа и да им се насмее со она свое големо лице, на кое постојано зрееше едно огромно задоволство со себеси и со сите други доста поситни од него луѓе, што се грижеа за него и што го слушаа со задоволство како труби неговиот глас меѓу ѕидовите, среќни со неговата момчешки несмасна шега.
„Белата долина“
од Симон Дракул
(1962)
А едно момче во бело, со некаква чудна подуеност на модрото лице од студот, оди напред пред сите, со барјачето и со белата наметка што ги даваат во црквата за таквите редови, додека тие стојат со сонати капи крај патот, сигурно враќајќи се од училиштето во тоа зимно пладне со еден силен и црвеникаво нечист одблесок на сонцето од зад валканите облаци, и засипнатиот селски поп со извиткан тенок како штичка блед нос и со проседавени валкани сиџимки нечешлана коса, спуштени по измрсените рабови на свечената одежда пее бесчувствено и колку да помине редот одвреме навреме: „Вечнаја памјат, вечнаја памјат“, затегнувајќи на секое „а“, а потоа некое од сите тие деца крај патот вели: „Дојдете“, и тие заминуваат со поворката кон гробиштата.
„Белата долина“
од Симон Дракул
(1962)
Тогаш беше големо ако ти пушти некој сонце од огледалце.
„Пиреј“
од Петре М. Андреевски
(1983)
Ти која
од јарецот и бикот
Ти која
од ракот и рибата
Ти која
од лавот и сонцето
од орелот и змијата
од мајмунот и мачката
од кругот и крстот
правиш митос
правиш поезис
правиш космос!
„Ерато“
од Катица Ќулавкова
(2008)
Девојка погледна во старецот и го враќа сонцето од него да не заоѓа.
„Љубопис“
од Анте Поповски
(1980)