Мајчина душичка
- упатство за чај –
Се пие вудве или насамо
но не претерано често
се зоврива, по правило покриен
во земјени, бронзени или керамички
садови, дома
во таа топла и задимена чајџилница
на прекипнувањето:
преку, отаде, и пред тоа, и потоа;
потпивнувај, загревај се
додека е жежок
додека си желна
шмркај, шмукај (наши сме)
напари се
задржи го колку што можеш подолго
в уста, шлапкај со јазикот
миризливоста, сладоста
и краснописот на длапката
да ги сети-ш;
дотурај пополека, измешај го со лажичката
желба за чај – жалба за младост
секоја планина – своја падина
потсркнувај
чај – Бах
чај – Жар
чајни печива
мед и путер;
чајот не се пие од-нога
пиј кроце, голтка по голтка
г’тка по г’тка
меѓу редови.
„Ерато“
од Катица Ќулавкова
(2008)
И така, се подели светот: на оние со сладост и милност на глувчињата во кафезите на својата глава, заслушани, со широки насмевки на лицето, со шепотни облачиња на усните, и на оние со затворени, згрчени усти, со очи ококорени, обезглавени, исплашени, вџашени.
„Захариј и други раскази“
од Михаил Ренџов
(2004)