село (имн.) - како (прил.)

Му рече ли лош збор - полош ќе ти врати; црната: ниту сака да те сретне, ниту сака да разговара со тебе; пред очите му е темно; сѐ на светот му е виновно; мудри се, знаат многу, со очи, со поглед можат да дознаат сѐ: кој си, што си, колку тежиш и што сакаш да речеш; во разговор со нив секогаш чувствуваш: меѓу тебе и нив голема далечина; не се напрегаат сѐ да чујат и разберат; на проклетството и на болот му робуваат; лилавата (јоргованлијата); постојано си потпевнуваат во себе или гласно: и во одење, и во работа и во кревет; во устата, на ушето или во малото џепче од палтото носат цветче - за салтанет; на секоја веселба први запoчнуваат да пеат; што било вчера, што било денеска, што ќе биде утре - не ги интересира; кога смируваат скарани, не сакаат многу муабети; на скараните ќе им речат: ајде чукнете се со чашките, оти главата ќе ви ја чукнеме; те фалат, те гушкаат, но сето тоа го прават без мерка; последни од кафеаната се прибираат дома; сивата: многу пребираат, џимрии во јадење, во купување, во облекување; надвор ако врне - продолжуваат по цел ден да спијат; од добиток не држат ништо, или сосем малку; за сѐ, па дури и нешто на милост да речат - колнат; клетвите им се помошни зборови со кои полесно се изразуваат; повеќето се тенкоусти, палени на збор, на јазик; кога е студено - мајката на господа му ја караат, кога е жешко - исто така; на гости, по свадби, од иста чаша или сафа не пијат; дома на прагот од куќата те пречекуваат држејќи ја вратата недоотворена; очите секогаш им се готови да те погледат напоречки, да те мунѕосаат; портокаловата: лични луѓе, секој сака од нивната куќа невеста да земе; кога врват девојките и невестите низ селото - како сонце да врви, сè пука на нив од здравотија, од личнотија; коњ аздисан скротуваат, пукнуваат; таа убавина, таа здрава јатка во нив ги држи до триесеттата година; по неа - одеднаш како зрел плод се што не може многу да држи, свенува, се олошува, се распаѓа; од никого лош збор не се слуша; благи и кротки и во очите и во лицето и во зборот; старичките чисто-пречисто се носат, мирисаат на мискинсапун, на калофер, но не доживуваат длабока старост; прават куќи понастрана од другите, истакнати, видливи; добиците им врват низ посебен влез за во кералот, не низ дворот да им го балегат и гнасат; кога крштеваат дете, врват низ селото како кралска процесија, како крал да се крунисува; ако седиш со нив, имаат моќ да те маѓепсаат, да те стават под влијание, да те владеат.
„Свето проклето“ од Јован Стрезовски (1978)
Тропотот на коњите баботеше низ селото како да јури коњица.
„Злодобро“ од Јован Стрезовски (1990)
Озгора од куќата своја, го гледаше сето село како на дланка, гледаше сѐ што се случува во него: во која куќа наутро најрано станале, во кој двор се трча да се фати кокошка за колење, кои жени, уште недорасонети се караат преку плотовите; кои луѓе не си ги користат домашните алиња, туку клечат зад копите и гаждарињата во дворот и бавчите; кој уште пред да зазори, како гробник, како волк, бега од некоја куќа и се провира низ плотовите за да не го видат кај која ороспија преспал ноќеска; на кои чардаци што се суши; која се потпалила, која се препокрива, која се довршува, кој последен излегува од кафеаната и го бара патот за дома, кој влегува и излегува од селото: за добро, за лошо.
„Свето проклето“ од Јован Стрезовски (1978)
На првата редовна служба Петко беше ракоположен за ѓакон, утредента за свештеник, и откако владиката го испраша дали ги знае сите поповски марифети, а особено откако ги брои Трајко дваесет и петте златни лири, нашиот Петко ја кладе в џеб „грамотата", си ја наметна шапката што му ја купи самиот коџабашија за спомен и си дојде в село како вистински поп.
„Крпен живот“ од Стале Попов (1953)