Монашки нишан:
сведоштвото на Лука Блажениот 29
„Има нишани што ги следиш
од рано детство
без да знаеш зошто:
- се будиш предзори
додека сосема не се повлекла
глувата сенка на ноќта
кога сѐ е разбиено на безброј дробни честички
сетен ситнеж кој подоцна ќе се склопи
во запрепастувачки складен
и топол мозаик, во фрески
по ѕидовите, по подот, на сводот
и сеќаваш
кревкото, кршливото
порозното, обезличеното
се преобразува во својата виша смисла
и ти се обзнанува:
ни еден слом не е алогичен!;
- тукушто си пркнал
уште дете, стануваш аскет
и заминуваш незнајно каде
само (посакуваш!) да биде тивко, молебно
створено и од природата, и од човека
за деноноќно бдение
за созерцание, вертикално понирање
на веда - од небеса до подземи
за живеење со жиг и жедба на монах
ни горе-ни долу
повеќе таму, одошто овде
„Ерато“
од Катица Ќулавкова
(2008)
По онаа бура, по оној гнев на Симона, повреден од тоа што Лена не му се дава, ранлив кога беше во прашање брат му Борко заради чувството дека предноста и грижата и на родителите и на другите била секогаш свртена кон него, а тој божем запоставен, а сигурно и заради внатрешната потреба да го симне од себе товарот на едно сведоштво на злостор, по таа бура, значи, по тој гром што ја удира Лена, таа го врти мојот телефонски број што бев ѝ го оставил кога летото, пред можната прослава на јубилејот на браната, ја бев посетил кратко во Долнец.
„Братот“
од Димитар Башевски
(2007)
Но нема да биде почетокот на една долга кореспонденција помеѓу Европеецот Гијом Аполинер и Балканецот Фаик Коница (која ќе трае до 16 октомври 1913 година), нивните две средби во Лондон (во 1903 и 1904), меѓусебната соработка во нивните списанија, Les Festin d` Esope на првиот, Albania на другиот туку и сведоштво на едно ретко европско-балканско пријателство и за проникливо разбирање на суштината на другиот...
„Балканвавилонци“
од Луан Старова
(2014)