Миклош не ја знаеше приказната на Бошко, но иако тој не се правеше на нетокму, речиси преку ноќ побеле: тој засега се движеше слободно, склучуваше непречено пријателства низ градот, почнуваше да го учи новиот говор, но, слично на приказните од илјада и една ноќ, знаеше дека додека саатот не се намести и проработи, животот му е нему сигурен, сите ќе го пазат и сите ќе го чуваат, а после ќе биде она што е - роб за продавање.
„Вежби за Ибн Пајко“
од Оливера Николова
(2007)
Ars poetica
кога го опеваш не го спомнувај
морето, туку кажи делфин
кажи алга, кажи блуз
или
за морепловците, потонатите ’ртови
јодот и струјата зборувај
за солта, нуркачите, светилниците
за галиите, фосилите, коралите
за одронувањата, песокта, реумата
за ритамот
за матката
за бродоломците
за капаците на прозорците, кристалите и
авантурите, морските болести и трговијата
на свила и бело робје
за капетаните последни што умираат
за проститутките кои не се надеваат...
„Ерато“
од Катица Ќулавкова
(2008)