Елеазар бен Цви пред очите ги гледа ликовите на првите владетели што во новата земја ги обединија еврејските племиња и на свештениците на единствениот бог што водеа битка со првосвештениците на паганските култови на богот Баал и на божицата Астарте, ги гледа нивните жртвеници и необични ритуали во кои на овие божества им жртвуваат крвни жртви, обезбедувајќи, по сите колебања и пресврти, доминација на единствениот, на Мојсеевиот бог и на неговите свештеници, на рабините од древните времиња благословени оттогаш, па сѐ до денес, сѐ до него.
„Светилка за Ханука“
од Томислав Османли
(2008)
Меѓу познатите рабини од Монастир, во авионската визија на раби Елеазар бен Цви, дефилираат стари и достоинствени ликови од една петвековна галерија на битолски рабини: Шломо бен Аврахам Хакоен, еден голем законодавец чии респонси се печатени во четири тома некаде помеѓу 1586 и 1652 година, исто така во Солун, прочуениот рабин Аврахам Фалкон роден во 1643 година, раби Шмуел Цадок роден во 1690, стручњак за религиозно судство и верска правда, потоа угледнот Бенјамин Медина роден 1730, раби Аврахам де Јехуда де Бутон кој ги напиша респонсите „Махазе Аврахам” печатени во 1795, Давид де Бутон роден на крајот од 19 век, учениот и почитуван рабин Бенвенисти бен Аврахам Гатења роден 1859 година, раби Аврахам Гер Цедек роден 1800 и Моше Шабат Камхи роден 1865 година кој инаку бил преобратеник во јудаизмот, потоа рабинот Давид Бен Шломо Папо чии прочуени беседи „Бни Меир” и „Пне Давид” се изречени во Ерусалим во 1914 и 1924 година, потоа сефардскиот мудрец инаку главен рабин од Ерусалим, д-р Ариел бен Цион роден 1913 година...
„Светилка за Ханука“
од Томислав Османли
(2008)