Затоа оваа поезија е неуморна: сето време, без престан, го надгледува претурањето од мислата во јазикот на своите говорители и чека „инцидент“ сѐ дури самата не стане тоа што го чека: инцидент меѓу мислата и јазикот чијашто разврска мора да биде во интерес на мислата, што значи јазикот треба да се шири и да се растегнува, постојано да се долева и полни не со водата на Едното, туку со водата што се исушила не сакајќи да се прелее во Другото.
„Две тишини“
од Анте Поповски
(2003)
Во една ненадејна насоченост и опседнатост тој пишува: „Поезијата е збунување; слободната фантазија се опива со она што никогаш не се случило; невистината е попоетска од вистината, историјата, интелектот и умот само го попречуваат furor poeticus.“
„МАРГИНА бр. 26-28“
(1996)
Сликата – една од водечките и најценети достоинства на современата македонска поезија е облик низ кој мислата се мачи да го скамени невидоизменето нашето некогашно време; впечатлива слика на разделбата со оние што одеа на туѓина, сликата на велигденското оро, сликата на жетвата се составки на духовниот пејсаж на македонската географија и обраќањето кон неа не значи враќање кон нејзиното време туку протест кон духовната унификација што произлегува од нашата инертност.
„Љубопис“
од Анте Поповски
(1980)
Невидливото во поезијата е материја во која и запирката претставува ту оган, ту тага, ту некоја јарка боја навезена на работ на облеката.
„Љубопис“
од Анте Поповски
(1980)
Последица на транзитивноста во поезијата се демотивацијата и произволноста на звуковната подлога на јазикот; - поезијата е акустична супстанца, уметност на фонацијата; - поетскиот јазик стои вон противречноста: вистина – не – вистина; - поетскиот текст со своите поетски фигури претставува елемент на изненадување, што ја зголемува непредвидливоста а тоа доведува до пораст на ентропијата; - одредени поетски содржини бараат одредени метрички типови; - неискажливо во поезијата не постои во чиста состојба; - поетскиот јазик не го карактеризира синонимијата.
„Љубопис“
од Анте Поповски
(1980)
Тој го чувствува фактот дека максималната валентност на соответна содржина може да се постигне само и доколку таа содржина се вгради во нејзината природна метричка и акустичка структура, доколку ја зголеми нејзината тензија со ефектите на обртот и непредвидливоста, и дека носечка суштина на јазикот на поезијата е неговата рефлексивност.
„Љубопис“
од Анте Поповски
(1980)
Како што вели самата во својата песна „Поезија“- „Љубовта е поезија, поезијата е љубов“ (во претходната збирка „Полиглот на тишината“) целосно јасно укажувајќи на својата непресушна потреба секоја своја внатрешна состојба, надворешна иритација, секое најмало шумолење на лисјата или ветрот, да го искаже со стихови.
„Зборот во тесен чевел“
од Вероника Костадинова
(2012)
Поезијата е онаа состојба на духот на творецот во која дури и најморничавите мигови од животот се преточуваат во своевидни метафори, алегории или други стилски фигури сосема ненаметливо и спонтано.
„Зборот во тесен чевел“
од Вероника Костадинова
(2012)
Вообичаената слика на поетското во прозата е неговата формална симулација, како што и вообичаената слика на прозното во поезијата е неговата наративна маска.
„Захариј и други раскази“
од Михаил Ренџов
(2004)
Тогаш не знаев дека поезијата е за една глава над астрономијата - не ги испитува ѕвездите туку лесно, на волшебен начин, ги симнува на земја.
„Кловнови и луѓе“
од Славко Јаневски
(1956)
Хајдегер не ја разбираше баш оваа луда трка на зелките, не знаеше колку време сака зелената зелка да стане кисела зелка, расол и како што не беше сигурен дали новиот качкет му е тамам така и шепотејќи сам си се прашуваше дали навистина секое мисловно мислење е поезија и секоја поезија е мислење?
„Ситночекорка“
од Ристо Лазаров
(2012)
Поезијата е можеби начин, сами
да опстанеме во лавиринтот
а не да најдеме излез.
„Ерато“
од Катица Ќулавкова
(2008)