И луѓето тие денови забораваат на гробиштата, истрчуваат пред селото и го пречекуваат Лоте со музика, со свирки, шиштат свирачите околу него со свирките што им ги купи за да свират весели песни, а не тажни и погребни; им лепи Лоте на челото пари, шетаат шишињата со пијалок од уста на уста, ги шири Лоте рацете како птица кога лета, одѕвиваат песните, до небо се креваат; излегуваат луѓето по прозорците и балконите, го поздравуваат Лотета, му мавтаат со раце, истрчуваат и му се придружуваат, се множи распеаната врволица и селото добива весел и празничен изглед.
„Свето проклето“
од Јован Стрезовски
(1978)
Леси се случува како и сите видливи појави: арапскиот ресторан на четвртиот кат во испразнетата зграда, голтките топол пијалак од шарената шолја извалканиот кафеански чаршаф, онаа жена во кафеаво палто и со долг бел шал врз него, која го припила до себе своето дете сред уличниот метеж, тркалезната купола на амамот, запрено во мигот пред тресок.
„Слово за змијата“
од Александар Прокопиев
(1992)
Веста бргу се рашири, дојдоа од градот, од власта, се собираа луѓе и од други села и веселбата сѐ повеќе и повеќе се зголемуваше: се пиеше, се јадеше, се колеа јагниња, прасиња, се влечкаа бинлаци со пијалок од куќите, се тркалаа бочви со вино по сокаците; ечеа свирки и песни, клокотеше селото.
„Јанsа“
од Јован Стрезовски
(1986)