отвор (имн.) - на (предл.)

Таму се славеше здравјето, тука смртта, но и во обете слики, светлината што се разлеваше низ фигурите и целиот предел (слична на онаа што пробивајќи се низ малите отвори на распнатите метални мрежи против инсектите, ја исполнува утробата на собата) беше како од милост небесна која го менува средениот однос што долу навидум владее меѓу ликот и гласот, меѓу предметот и движењето – блажена милувка на етеричниот Отец.
„Слово за змијата“ од Александар Прокопиев (1992)
Имаше и денови кога ветерот ѝ го поткреваше фустанот откривајќи ѝ ги белините на ципите, или кога при разминување на тесното скеле ќе им се поджулнеа телата или кога ќе му подаваше цигли под него, а тој слободно ѝ ѕиркаше во нејзините гради низ широкиот отвор на фустанот.
„Животраг“ од Јован Стрезовски (1995)
Кинеска 22-ка, отворот на цевката не е поголем од зениците на твоите исчезнати очи.
„МАРГИНА бр. 3“ (1994)
Кога ја подадов главата од отворот на шаторот за да го видам непознатиот човек, татко ми на неговото прашање рамнодушно ги крена рамењата.
„Друга мајка“ од Драгица Најческа (1979)
Магијата на расказот остана да ја протолкувате вие, притоа внимавајќи да нè ве погоди проклетството на зборовите, збиени како револверски зрна во отворот на срцевата цевка.
„Захариј и други раскази“ од Михаил Ренџов (2004)
Имаше и мал правоаголен отвор на дното под екранот, и Боб колебливо зачекори накај тој отвор.
„Невестата на доселеникот“ од Стојан Христов (2010)
Некој стави паричка од пет центи во отворот на автоматот и утробата на џубоксот мина низ цела серија трескања, пред глас тивкиот и сладникав да почне да го смекнува ѕвечкањето на чиниите и посребрените предмети.
„Невестата на доселеникот“ од Стојан Христов (2010)
Заоблена на дното, за кон средината благо да се стеснува и да формира голем тркалезен отвор на врвот.
„Филтер Југославија“ од Константин Петровски (2008)
Тој беше наведнат врз мојот стомак; со палецот го беше затворил отворот на шишето толку колку од него да капе по некоја капка; сипуваше виното во мојот папок и потем пиеше.
„Папокот на светот“ од Венко Андоновски (2000)
Тој си ја клава дланката на отворот на цевката за пресен воздух. Не сеќава ништо.
„Пустина“ од Ѓорѓи Абаџиев (1961)
Тој мирис на сеното, тие звуци што навечер никнуваа наоколу, во самата плевна, во буковата корија, во папратот зад плевната, тие ѕвезди што се гледаа низ отворот на вратата, тој чуден опивлив ноќен планински воздух што го дишеше и му се насладуваше и ти се чини дека сѐ е вечно, нема почеток и нема да има крај, и ти се живее и ти се постои и би сакал да бидеш насекаде, со сешто, засекогаш...
„Бојан“ од Глигор Поповски (1973)
Кога, по предвиден број часови, ќе завршевме со работата и вечерата, се повлекувавме во странични отвори на тунелот и спиевме во слама, покриена со ќебиња.
„Пупи Паф во Шумшул град“ од Славко Јаневски (1996)
Грижливо ја изделка корката, со парче тел го издлаби босчето како цевка, а по тоа зеде едно потенко багремово гранче, го дупна насреде и со него го затна отворот на црцалото.
„Бегалци“ од Јован Бошковски (1949)
И сега: Низ Гехиномскиот отвор на градските ѕидишта продира ветар со топол, пеколен здив и непопречен од ништо навлегува во градот носејќи зажарен пустински песок што го фрла на сите страни и ги опсипува тесните улици некогаш полни со детски гласови и човечки џагор, сипејќи по куќите што сега ги населува пустош, по палатите во кои царува тишината и храмовите во кои песочни псалми виуличаво испева ветрот, татко на празнината, брат на исчезнувањето, двојник на гибелот...
„Светилка за Ханука“ од Томислав Османли (2008)
На јаве му се случува страшниот сон во кој ветрот и тој блудат низ испразнетиот град и се печат на тивкиот оган на неодамнешното живо присуство и сеќавање, на довчерашниот, додуша сè помалуброен, но сепак постоен џагор на живиот град, на Солун, што сега исполнет само со бивш живот некој еднаш го нарекол Втор Ерусалим. Кој сега е нов Гехином.
„Светилка за Ханука“ од Томислав Османли (2008)
Но ни зачуденост ни страв ни копнеж не можел да види на нежното лице.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
Се повлекла малку лежејќи, сега потпрена со лакот на земјата, додека со другата рака го стискала отворот на пребелиот лен под грлото.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
Миризбата која се креваше од подрумите не беше од луѓето туку од мократа земја, од чадовите од ќумбенцата што ветрот ги туркаше назад и откако ги преполнуваа просторијките, јурнуваа по отворот на скалата нагоре.
„Исчезнување“ од Ташко Георгиевски (1998)
Можеби настаната од потребата да се поттикне јунаштвото кај борците; (нели, се зборуваше, откако успеал да ја протне бомбата низ отворот на бункерот, тој со своите гради го затнал тој отвор низ кој митралезот го бранел влезот во рудникот) а притоа творците на ова тврдење изумиле дека приказнава може да втаса и до ушите на тетка Боса Сотирова и дека тогаш јунаштвото на Благоја нема да е поттик туку ќе претставува бодеж што ќе длаби во срцето на несреќната мајка.
„Летот на Загорка Пеперутката“ од Србо Ивановски (2005)
Отворот на увото е восхитувачки. Таму звуците се одбиваат.
„Мудрецот“ од Радојка Трајанова (2008)
Погледот сам му заскита во спротивното огледало, каде што го ослепуваше белата планина; се загледа некаде низ отворот на тунелот во вителот, надвор од прозорските окна, кон планината.
„Мудрецот“ од Радојка Трајанова (2008)