I Дождовите деноноќно врнеа; туриваа силно, поројно; не се знаеше што е небо, што е земја: споени беа, измешани, каша; урликаа реките, потоците, трапиштата, суводолиците; влечкаа од планините чакал, гнилеж, дрвја; се разлеваше водата низ селото ги поплавуваше дворовите, куќите, плевните, ќералите, кошарите, гаждарињата, бавчите, гумната, нивјето, трлата, елиците, стоговите, листовниците - поплавуваше сѐ; туфкаа луѓето не можејќи да излезат надвор, рикаше добитокот гладен, гракчеа кокошките бегајќи сѐ повисоко на кокошарниците и плевните за да не ги зафати водата што растеше; прегладнети удираа со клуновите по гредите и ќерамидите; кучињата пливаа низ водата влечкајќи удавени животинчиња за да се нахранат; гледаа тажно луѓето од куќите, од прозорците, гледаа во водата што растеше, во дождот што непрестајно паѓаше како да се истуриваше од некои небесни мориња; овошките во градините и дворовите стрчеа со ветките над водата како давеници што бараат помош; полесните предмети: сандаци, кошови, канти, каци и разно овошје, пливаа по водата, одеа каде што ги носеа брзаците.
„Јанsа“
од Јован Стрезовски
(1986)
Чувствувајќи како дождот сѐ повеќе го натопува, се пренесе во времето кога ја погребуваа баба му Депа кога исто вака туриваше силен дожд, а тој одеше во погребната поворка фатен за раката од мајка му, дождот му плускаше по главата, по телото, му се лизгаше по кожата и му слегуваше низ нозете во опинците; погледнуваше повремено во баба му во ковчегот што го носеа луѓето на раце: и нејзиното лице дождот го миеше, се лизгаше по него како по восок и ги натопуваше цвеќињата и овошките во сандакот; лееше на попот и му ја гаснеше кадилницата со која штркаше по ковчегот и пееше за покој душа, лееше на луѓето што одеа со наведнати глави.
„Животраг“
од Јован Стрезовски
(1995)