Овде никогаш одново ќе биде јули: Дрвја со црвени плодови, Старичка што со недели чека да се воздигне За да си поразговара со својата сосетка на небесата, Ѕвезди во дланките на заспаните дечиња, Жени со набрекнати дојки легнати под сенка, Крикови на птици среде летната замаглина над ожнеаните полиња, Илјадници пеперутки скаменети во сенката на облакот, Српови расфрлени кај јазот, Црна сол врз изгорените костури на тревките И една девојка што полни ведро во бунарот За да му подаде студена вода на оној Утре што ќе следи на ова исто место Загледан во дрвјата со црвени плодови Овде некогаш одново ќе биде јули...
„Љубопис“
од Анте Поповски
(1980)
Неколку недели чекаа да дојде некој од властите од Тополчани, од Прилеп, или од Битола и да се заинтересира за бомбата, но кога се пронесоа гласови дека овчарите, а и некои од дечиштата, оделе таму и ја прерипнувале со стап, или без него, се уплашија да не се стори некоја пакост, па ги одредија Крстета Јанчески, кој во Второ бугарско стана кмет на Потковицата, Најда Акиноски и Ѓорета Дамчески, кој од помладите луѓе изби во прв ред, да отидат во Тополчани, а ако не успеат таму во Прилеп, ако не успеат и таму во Битола, и да бараат да дојде некој оттаму и да ја растури бомбата.
„Потковица на смртта и надежта“
од Миле Неделкоски
(1986)
И тогаш, и секогаш кога повторно ќе отидеа да бараат да дојде некој и да ја растури бомбата, само им ветуваа дека навистина овој пат ќе испратат некого, но во текот на целата таа година никој не се појави.
„Потковица на смртта и надежта“
од Миле Неделкоски
(1986)