Јас, матрица, матка, матерка,
   модра, мадра, мудра матрона
   од Другиот свет
   (не, овој никогаш не ми бил доволен!)
   ти повелам:
 
   влези во морето
   не мисли на немоќта
   оти никогаш не знаеш
   колку ќе издржиш
   и во болот, и во ужитокот
 
   пливај до кајшто гледаш
   а гледај далеку, секогаш подалеку
   јас глаголам задумно на 'ртот
   зборувам на својот мајчин јазик
   (о, какво олеснување, каква удобност!)
   и сила ти давам
   а не утеха!
               
             
           
            
            
              „Ерато“
               од Катица Ќулавкова 
              (2008)