Ми се крши ко суво стаклено цвеќе
во раце, под нозе, на срце
во мозокот ми удира
ме заклучува ко да сум казнета
со катанец, од надвор
правам сѐ да ме нема
можеби така ќе се спасам
ќе фатам џенем некаде усвет,
некаде кајшто никој не ме знае
и нема да му падне на памет да ме оспорува
оти такви работи не им паѓаат на ум на
нормални луѓе
ама овде сѐ е можно
овде ние не сме ние
светот е превртен наопаку
ние газиме по шилци
ако нив ги промашиме
ќе нагазиме на мина
ако неа ја промашиме
ќе се фатиме во стапица
ако и стапицата ја промашиме
ќе удри гром
ако и громот нѐ промаши
ќе се изедеме еден со друг.
„Ерато“
од Катица Ќулавкова
(2008)
А тој беше гас и гаќи со преседатељо на општината мислеше дека нему никој ништо не му можи и тој, заедно со овој Војнета наш мене ми ги имаше пуштено партизаните да ме убијат зошто сум бил кмет и сетне со нивни ниспет партизаните ме затворија а и уште да можи нешто најлошо тие мене ќе ми го сторат зашто тие сет вногу лоши луѓе ама и овој партизанскио суд што не ет суд туку суди само накодошени луѓе мене мана не можеше да ми најде и ме ослободи ама Трајко Казиловски и Војне мене дрвата не ми ги имаат заборавено и ако им дојде на колај тие мене пак и најлошото ќе ми го направат“.
„Продавница за љубопитните“
од Мето Јовановски
(2003)