крцкање (имн.) - на (предл.)

Звукот на крцкање на тркалата е застрашувачки, само тој се слушаше во таа мртва тишина и магла.
„Ветришта“ од Радојка Трајанова (2008)
Крцкањето на претоварената кола беше болно и предизвикано од разните триења на дрво и железо од кој беше направена колата.
„Ветришта“ од Радојка Трајанова (2008)
Не тутунскиот чад и не злото крцкање на столовите.
„Месечар“ од Славко Јаневски (1959)
Јас не само што ги слушав, туку го гледав и морето, му го слушав дишењето, ги слушав криците на галебите и крцкањето на штиците од галиите.
„Захариј и други раскази“ од Михаил Ренџов (2004)
Ќе се вгледаше во полицаецот кој влегуваше во каушот, неспокојно ќе бараше нешто во дното на ходникот, ќе ги начулеше ушите да го фати крцкањето на стражарските скорни или тетеравењето на нозе, одвикнати да одат.
„Пустина“ од Ѓорѓи Абаџиев (1961)
Не го поднесува ова придушено крцкање на ножицата.
„Пустина“ од Ѓорѓи Абаџиев (1961)
Одеше по собата и ги слушаше своите изгаснати чекори, крцкањето на подот.
„Две Марии“ од Славко Јаневски (1956)
Сега слушнав крцкање на скалите зад мене, зад затворената врата. Се свртив и тргнав натаму.
„Братот“ од Димитар Башевски (2007)
Заслушај се ноќе, и ќе ти се јави некое крцкање на креветите, над тебе или под тебе, небаре црвец да работи во штиците.
„Небеска Тимјановна“ од Петре М. Андреевски (1988)
Речиси го слушаме крцкањето на коските под гасениците од тенковите.
„Небеска Тимјановна“ од Петре М. Андреевски (1988)
Лежев со затворени очи и со страв го наслушнував крцкањето на зглобот.
„Улица“ од Славко Јаневски (1951)
Од празните болнички соби и ходниците во кои владее длабока, мртва тишина што ја поматува само тивкото крцкање на подгниените прозорци со испокршени стакла и врати, бие огромна осама која предизвикува измачувачки немир и чувство на болка.
„На пат со времето“ од Петре Наковски (2010)
Ковчегот е ставен и колата поаѓа и ние зад неа тргнуваме молчаливи на почетокот, а како што се должи патот до последното почивалиште, се погласно се слуша крцкањето на протезите, некои подзастануваат да земат подлабок здив, други се поддржуваат под рака и така почнува нов разговор за тоа што беше наша младост во времето – невремето.
„На пат со времето“ од Петре Наковски (2010)
По крцкањето на сувиот под, кловнот знае кај оди другиот.
„Кловнови и луѓе“ од Славко Јаневски (1956)
Бојаџијата не беше сигурен дали го разбудиле чекорите на студентот или крцкањето на вратата, но кога ги отворил очите и наближил до прозорчето Ѓошо Савев веќе бил на полјанката омеѓена со карпи што се спуштале дури до поројот.
„Желките од рајската градина“ од Србо Ивановски (2010)
Горе, на небото, под сонцето, Се слушаат крикови, павкање и крцкање на крилја, како трески да се кршат.
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)