Кај Сукаловци животот почна да си тече нормално. Мажите одамна ја привршија сеидбата; жените ги уредија каците и легнаа на женските работи околу разбоите.
„Крпен живот“
од Стале Попов
(1953)
И овците и козите и дворот полн јагниња и јариња; и воловите Баљо и Сивко и кравата Белка и двата коња и мачката и кучето Шарко и крушата до авлијата и бадемите и оревите и костените во Стара Ливада, бавчите, лозјата и благотата во каците и виното во бочките и песните пеени на седенки и ората виени во широки кругови на вигната и тоа беше дома..
„Големата удолница“
од Петре Наковски
(2014)
Пред да преземе било каква јавна акција, протиница отиде кај Никола кој, освен куќата во која живееше, имаше уште една куќа - стара и дотраена - во која држеше неупотребиви бочки, качиња и други такви работи.
„Бојана и прстенот“
од Иван Точко
(1959)
Така, се случуваше да остават еден голем камен до кацата и јас ќе се качев на него бидејќи не можев да достигнам и ќе ги наполнев џебовите со сирење и ќе им дадев на моите браќа.
„Ласа“
од Наташа Димитриевска Кривошеев
(2011)
Завршувањето на војната луѓето го прославија шеметно: ја собраа сета комина што ја имаа по бочвите и каците и ја турија во селските казани да се вари; црпеа луѓето со чашки, со канчиња, заграбуваа со грсти уште од првата протока и пиеја; пиеја како да се натпреваруваа кој може повеќе да испие, кој може побргу да се опијани, збрлави; се бацуваа меѓу себе, се гушкаа, се миреа скарани, си ги отпетлуваа кошулите на градите и си ги даваа срцата еден на друг; ги собираа шлемовите од војските расфрлани по бавчите, ги навираа на колови и ги гаѓаа или се мочаа во нив; трчаа по секое преживеано добиче да го колат; се правеа заеднички гозби на широкиот пат крај езерото; кој како ќе донесеше нешто за колење, така луѓето викаа: „Придај господе!“ и му го удираа ножот; кој немаше добиче, носеше кокошка или петел; петлите, пред да ги заколат ги испијануваа со ракија: нивното кукуригање беше највеселото нешто: се натпреваруваа кој од кој посилно ќе пее.
„Свето проклето“
од Јован Стрезовски
(1978)
I Дождовите деноноќно врнеа; туриваа силно, поројно; не се знаеше што е небо, што е земја: споени беа, измешани, каша; урликаа реките, потоците, трапиштата, суводолиците; влечкаа од планините чакал, гнилеж, дрвја; се разлеваше водата низ селото ги поплавуваше дворовите, куќите, плевните, ќералите, кошарите, гаждарињата, бавчите, гумната, нивјето, трлата, елиците, стоговите, листовниците - поплавуваше сѐ; туфкаа луѓето не можејќи да излезат надвор, рикаше добитокот гладен, гракчеа кокошките бегајќи сѐ повисоко на кокошарниците и плевните за да не ги зафати водата што растеше; прегладнети удираа со клуновите по гредите и ќерамидите; кучињата пливаа низ водата влечкајќи удавени животинчиња за да се нахранат; гледаа тажно луѓето од куќите, од прозорците, гледаа во водата што растеше, во дождот што непрестајно паѓаше како да се истуриваше од некои небесни мориња; овошките во градините и дворовите стрчеа со ветките над водата како давеници што бараат помош; полесните предмети: сандаци, кошови, канти, каци и разно овошје, пливаа по водата, одеа каде што ги носеа брзаците.
„Јанsа“
од Јован Стрезовски
(1986)