И потем во светлина раскошна, со музика семирска се спушти над мојата глава, ми ја позеде раката, го фрли мојот груб калем од железо и во раката калем од лач небесна ми стави; калемот сам почна да пишува со раката моја, и до првиот час по полноќта, кога првиот петел се гласи, писмото за господарот мој беше готово, и јас знаев која буква на кое нешто му одговара.“
„Папокот на светот“
од Венко Андоновски
(2000)
Тој стоеше над неа, гледаше во мене и се смешкаше, и јас видов дека во раката држи калем од небесна лач, калем каков што дотогаш не бев видел; се смешкаше благо, благоутробно, понизно, молежливо, благодарно, со чиста љубов и милост кон мене, и јас гледав во тие негови очи кои сега зрачеа со жар тивка, жар што долго и бавно ги грее душите на ближните, жар непакосна, нужна за живот, како сонцето што дава топлина, како мудроста блага, а не како пламенот на суетата, слама пламната, оти сонцето дава живот затоа што не пали и гори, туку загрева и стоплува.
„Папокот на светот“
од Венко Андоновски
(2000)