Ние - тоа е заменката на повторно пронајдената автентичност, а отсега тоа е име за обврзувачката хомогеност; беше тоа топол простор на братството по оружје, сега е празна падина на која бледнее и се замрзнува јавниот живот; беше тоа раѓање на една заедница самата од себе, сега тоа е исчезнување на секакво растојание, па затоа и на секоја можност за соочување на нејзините членови; беше тоа крик на револт, сега е солилоквиј на моќта.
„МАРГИНА бр. 6-7“
(1994)
Сепак, тоа неочекувано и мигновено пресретнување на нашите погледи, ја отвори приказната за „НиЕ“, но не како предмет, како досие, и не за ние на кое никогаш не инсистиравме како на заменка на она што заеднички го работевме, туку за ние што произлегуваше од таа работа и кое, очигледно, остануваше и натаму да трае во нас двајцата и покрај тоа што, според моето првично и не докрај оформено сознание по пресретнувањето на нашите погледи, нѐ обземаше чувство на длабока вина.
„Полицајка в кревет“
од Веле Смилевски
(2012)