живот (имн.) - прашање (имн.)

Ти ќе се вратиш, му велев, сѐ е минато, и твојата вечна потрага и вечно себегубење, и твојата суровост кон мене и мојата желба да ти вратам со суровост, сета болка, сѐ помина, и тоа што поставувајќи му го на животот прашањето: Кој сум јас?, добиваше одговор од смртта: Ти си ништо!, и тоа што ти гледаше очи в очи со смртта, тоа што сакаше да паднеш во неа.
„Сестрата на Сигмунд Фројд“ од Гоце Смилевски (2010)
Ти ќе се вратиш, Рајнер, му велев, реката беше само едно големо чистилиште, ме слушаш ли, Рајнер, тоа е само отпловување, и јас ќе те чекам на крајот од реката, Рајнер, ќе те чекам онаму каде што таа се влева во друго постоење, знам дека си тука, Рајнер, еве ја мојата рака, погледни ја мојата рака, Рајнер, сѐ ќе биде добро, верувај ми, кога ќе заврши твоето пловење, кога ќе излезеш од реката, ќе треба само да ја промениш облеката, ќе треба да облечеш нова облека, и се ќе биде добро, верувај ми, Рајнер, верувај ми, како што јас си верувам на себе, еве ја мојата рака, Рајнер, фати се за мојата рака, и јас ќе те извлечам, а потоа ќе тргнеме кон поинакво постоење.
„Сестрата на Сигмунд Фројд“ од Гоце Смилевски (2010)