Јас, која треба да ги лекувам пациентите- не ја чувствувам сопствената душа -сè заборавив- што сум јас- извршителка на должности- должна сум наутро да ги облечам и да ги нахранам децата-должна сум во седум часот да се јавам на работа-должна сум да давам дијагнози-должна сум да лечам-должна сум да водам љубов со маж ми-моите деца моите пациенти мојот маж-зошто ги нарекувам мои-неподвижна седам пред телевизорот-се дава некој глупав историски спектакл-мажот и децата ѕурат во екранот-мракот ме одвојува од нив-мракот ме носи во големата сала-исчекувам ли нешто-редици од свеќи-свеќи танчери-запалени свеќи-прегорени свеќи-студено ми е-толку ми е студено-кој ќе ме стопли-кој ќе ме извлече од овој подрум-само да се помрднам-да побегнам-да исчезнам-јас тука се убивам-боли ме боли-телото ми е претешко-ми треба воздух-да се одлепам-само здив-не можам-не постојам-пропаѓам-помош-помош-помош_
„Слово за змијата“
од Александар Прокопиев
(1992)