грижа (имн.) - на (предл.)

Влегувам во канцеларијата и при тоа го извршувам сето она рутинско „добро утро”: ги палам светлата, разгледувам дали има пропуштено повици, си подготвувам кафе (со малку грижа на совест поради типичниот македонски почеток на работниот ден), а потоа со часови се нурнувам во компјутерот и се препуштам на долго, бескрупулозно, бескорисно, безидејно, безпотребно, без исав сурфање на интернет, кое во последнава година само ми го доослабна и онака слабиот вид.
„Вител во Витлеем“ од Марта Маркоска (2010)
Така, среде грижите на нашиот секојдневен живот, невина и неподготвена, се наведнав над бубачката која дојде уништена.
„МАРГИНА бр. 35“ (1997)
Но не беше сега тоа многу важно. На Пискулиев повеќе му тежеше што со ова свое крштениче си зема уште една грижа на својата и инаку мачна глава.
„Послание“ од Блаже Конески (2008)
Најмногу се надеваше во мајка си, која можеби повеќе страда од другите, можеби нејзините грижи се потешки од грижите на татка си и деда си, но таа најмногу верува во него.
„Бојан“ од Глигор Поповски (1973)
Кај Ботеро, социјалната комедија не гаѓа грижи на совеста, неговите ликови се среќни накрај да бидат јавно, официјално, без никаков срам она што тие се во длабочината на душата; тие накрај се совпаѓаат со самите себе и тоа ги прави среќни.
„МАРГИНА бр. 8-9“ (1994)
Грижата на совест нараснува до самоуништување, јас морав да си признаам дека концептуалната имагинација произлегува од дното на немоќта и на наследната неплодност.
„МАРГИНА бр. 8-9“ (1994)
Во социјализмот, прва грижа на Партијата е здравјето на луѓето!
„Човекот во сина облека“ од Мето Јовановски (2011)
Но тој отсекогаш си беше на грижа на жителите на Потковицата.
„Потковица на смртта и надежта“ од Миле Неделкоски (1986)
И покрај внатрешниот немир, а веројатно и грижата на совест поради напуштањето на своето татково огниште и поради избегнувањето да земе активна улога во акциите за самобитноста на Македонија, Христов со своето творештво, кое од алфа до омега е поврзано со Македонија и дијаспората, гради свој морален интегритет во својата втора „посвоена“ татковина.
„Невестата на доселеникот“ од Стојан Христов (2010)
Впрочем, тој брак беше сосема логичен и очекуван, но јас и ден-денес не можам да се ослободам од чувството дека во тој брак влеговме, и јас и Земанек, само за да немаме грижа на совест по однос на Јан.
„Папокот на светот“ од Венко Андоновски (2000)
И така живна загноената заемна омраза меѓу едната и другата опција на тие кои се самонарекоа бранители и душегрижници на Егејците, како што сами се нарекоа и ги нарекоа и тие во чие заблудување беа замешани нивните прсти и никој не прифати и не почувствува грижа на совеста, а рамнотежата меѓу двете скарани страни – грижливо ја чуваше Лазо, кој лично водеше сметка неслогата да не се претвори во кошмар.
„На пат со времето“ од Петре Наковски (2010)
Не се обидував да видам во моите мисли како лежи едвај подвижен, не сакав да слушнам како последните капки сила го принудуваат да вдишува и издишува, не сакав да знам ни што му врвело низ мислите во тие мигови – дали го мачела помислата на сестрите кои постојано се јавувале во неговиот дом и молеле да се најде начин да ја напуштат Виена, дали имал грижа на совеста од претпоставувањето дека во логорите на смртта ќе ги приберат и нив.
„Сестрата на Сигмунд Фројд“ од Гоце Смилевски (2010)
Не се обидував да ги замислам последните мигови од неговиот живот, доволно ми беше што дознав дека е мртов, дека е смирен, без телесна болка, без душевна јанѕа, затоа што сигурно на оној свет душата се ослободува од сите тегобности и самообвинувања.
„Сестрата на Сигмунд Фројд“ од Гоце Смилевски (2010)
Кога таа „самостојна” и „национална” политика е орудие на непријателите на Русија, против интересите на последната на Балканскиот Полуостров, можат ли да бараат тие бугарски политиканти од руската влада да биде таа совршено безучесна во настаните на Балканскиот Полуостров кога тој Полуостров бил грижата на Русија цело столетие и повеќе?
„За македонцките работи“ од Крсте Петков Мисирков (1903)
Големо име имаме, татко, ќе ни го земат!‘ Со грижа на лицата свои ме погледнавте сите, чекајќи од мене да ви кажам што да сторите.
„На пат кон Дамаск“ од Елизабета Баковска (2006)
МЛАДИЧОТ: Тоа не е моја грижа, туку грижа на организацијата.
„Црнила“ од Коле Чашуле (1960)
Секој од нас исполнет со чувство на љубов, среќа, радост што ни ги подари без тронка грижа на совест... јас станувам роб на моите сништа, и доблести...што животот ми го прават како бајка со среќен крај...
„Поетски блесок“ од Олга Наумовска (2013)
Рада телефонски ја покани и Јана, која, за жал, сѐ уште го чувствуваше товарот и имаше грижа на совест заради промашената врска што Рада ја доживеа со Ѓорѓе.
„Последната алка“ од Стојан Арсиќ (2013)
Тоа е грижа на џелатот да го зачува него од дивата сурија затесната меѓу ѕидовите и веригата војници.
„Пустина“ од Ѓорѓи Абаџиев (1961)
Играла, пеела со маријачите, се напила повеќе од потребното и, во лоша состојба и со задоцнета грижа на совест, на полноќ тргнала да го бара Сатурн.
„Црни овци“ од Катица Ќулавкова (2012)
Му одговори со стихот на Винисиус де Мораес: „Љубовта е вечна додека трае.“
„Црни овци“ од Катица Ќулавкова (2012)
Марија, гледајќи ја грижата на Богдан кон нејзината миленичка, често му даваше по некоја пара или подарок.
„Животраг“ од Јован Стрезовски (1995)
Во тој свет на маалото имаше населено, пред војната и по војната, луѓе од сите страни на Балканот, но и надвор од него: Македонци, Албанци, меѓу нив муслимани, католици и православни, познати како Шкрети, Турци, Срби, Ерменци, Грци, Бугари, Власи, Хрвати, Босанци, Роми, дури по некое руско семејство и други, сите поврзани со заедничката грижа на опстанокот на семејствата, како да ги нахранат децата во гладните времиња, принудени во едно време да чуваат кози, да се здружат со козите на козарите, повикани од режимот од планинските села, да станат работничка класа, но набргу козите од други причини им беа одземени од козарите и ликвидирани, а козарите не станаа никогаш работничка класа каква што ја замислуваа архитектите на новото комунистичко општество.
„Балканвавилонци“ од Луан Старова (2014)
Свртувајќи се кон мене, го впери прстот и рече: Ако има чувство треба да има и грижа на совест за ова нешто...
„Јанsа“ од Јован Стрезовски (1986)
Но, како еден вид компензација, не знаеме само дали поради грижа на совест на законодавецот, е воведена една друга слична одредба, којашто е порестриктивна vis-à-vis претходната, бидејќи се однесува не на сите видови одмор, туку само на годишниот. 
„Обезвреднување на трудот“ од Савески, Апасиев, Ковачевски, Василев (2010)
Тој се трогна од грижата на оваа мајка и му се утврди вербата дека ќе дојде време кога самиот народ ќе трча за просвета.
„Крпен живот“ од Стале Попов (1953)
На таа средба во Тетово, како ученик на одново отворената гимназија, по прекинатата настава во текот на војната и окупацијата, со дотогаш скромен, скуден, школски допир со поезијата, без познавање нејзино, јас се присеќавав подоцна во мојата прва беседа прочитана на раните Рацинови средби, како нивни соосновач со Александар Спасов, Димитар Солев, Благоја Иванов..., со нашите велешки врсници и колеги Славчо Николов, Ангел Димов, Тихо Најдовски и со сесрдната грижа на Рациновото семејство и на неговите сограѓани.
„Елегии за тебе“ од Матеја Матевски (2009)
Не сакам некому да му дадам шанса да спори со мојата грижа на совеста.
„Желките од рајската градина“ од Србо Ивановски (2010)
Кои вистини и да ги употребиме, кој пат и да го избереме, секогаш со нас ќе носиме тежок товар и секогаш кога покрај патот ќе не пресретне некоја болна судбина и мрачна вистина ќе чувствуваме грижа на совеста.
„Жонглирање со животот во слободен пад“ од Сара Трајковска (2012)
Некој умира од грижа на совест, некој умира во немаштија и беда сотрен од братот на свиок , под стрели зборови, оси рој. Од несовест, неморал и злотовор.
„Илузија за сон“ од Оливера Доцевска (2013)
Мнозина, ако лебот само малку се подзасуши, го фрлаат без зрнце грижа на совеста.
„Добри мои, добар ден“ од Глигор Поповски (1983)