Ете, сега е тука, во тој прекрасен пејсаж, со месеци сонуван, посакуван, далечен, недостижен, мирисен - трча низ ливадата... не, денес нема да ѝ попушти на Јана... тој ќе втаса прв до крајот... до реката... до тополите... трча со подмижени очи низ синозелениот акварел... трча небаре низ сон, кога ти се раскрилува душата, па си лесен... лесен... не, не гривест коњ... трепериш во воздухот помеѓу земјата и небото - како вилино коњче трепериш...
„Тополите на крајот од дедовата ливада“
од Бистрица Миркуловска
(2001)
Не е точно тоа дека имињата на Маргарита или Ана дојдоа подоцна или дека сега тоа е начин да ги разликувам во пишувањето, таквите нешта веднаш стануваат одлучени со самата игра, сакам да кажам дека одблесокот врз стаклото никако не можеше да се вика Ана, како што ни Маргарита не можеше да биде името на девојката што седеше наспроти мене не гледајќи ме, со погледот на црните очи загубен во тагата на тој интеррегнум каде што се чини како сите да ја консултираат зоната на визијата која не е онаа што нѐ опкружува, исклучувајќи ги децата кои гледаат право и сосредоточено сѐ до денот кога и нив ќе ги научат да се сместуваат по меѓупросторите, да гледаат а да не видат, со она пристојно незнаење својствено за секој близок привид, секој опиплив допир, при што секој е улежан во своето меурче, класифициран помеѓу загради, додека ја чува постојаноста и најмалите количества од свеж воздух помеѓу туѓите колена и лактови, затскривајќи се зад „Франс-соарот“ или џебните книги иако скоро секогаш е како сега со Ана, скоро секогаш се некои очи што се сместуваат во процепите од она што навистина може да се гледа, што се сместуваат на она неутрално и делумно тапо растојание што се протега од моето лице до лицето на човекот сосредоточен на својот „Фигаро“.
„МАРГИНА бр. 6-7“
(1994)
Вера ја почувствува празнотијата што висна во воздухот помеѓу нив, така што долгата пауза стана неизбежна.
„Човекот во сина облека“
од Мето Јовановски
(2011)