Се оддалечуваше од сипаничавиот полумрак и од сенките во него и копаше во себе, на чија страна е нејзината врела крв, сега, кога во исто време им припаѓаше на обајцата, на тој студен и благ Иван со долги нозе на јак ждребер и на исклештениот гамен и бог со жолти прсти од ефтини цигари, сега, кога претпоставуваше едно искричаво судрување и преместување, едно замрсено и нејасно зло.
„Месечар“
од Славко Јаневски
(1959)
Сега сета суштина на неговото постоење беше само во тоа да не го изгуби од пред своите очи тој идеално направен круг во небото, а низ неговата крв и низ сите негови можности да чувствува наеднаш му се будеа сите богови со нивните усвитени кораби, сите бели атови и нивните боговски колесници, сите затрчани младичи со факели и сите Сончеви Мајки, што го чекаат тој морен патник зад првиот брег, да му постелат и да го нахранат.
„Белата долина“
од Симон Дракул
(1962)