Од што се плашеле? Бездруго од платеници на суробрадиот Али-бег што не признавал друго воденичарско господарство освен своето: па дури и на оние благолики Турци, наргиличари со среќна насмевка на алахови почитатели што не ја одобрувале неговата алчност, бегот можел да им се одмазди на некој начин; во својот долап со изрезбани арабески во дабово дрво имал пергамент за дедовски и татковски и свои заслуги во кој, со милосливост на султанот Махмуд Втори, се барало од граѓанските и воените власти да му бидат секогаш при рака, не додавајќи ги кон сето тоа легендите за неговите браќа што се истакнале во ликвидирањето на побеснетите јаничари и крџалии и пријателството што го врзувало со секакви мутеселими, кадии, кајмаками, шејови, заслужни бегови; се знаело дека во еден спор и самиот валија, државник и поет и исто толку почитатели на поетите Зати, Фузули, Наби, Вејси, набожно ги допрел со набожниот султански ферман градите, усните и челото и го прогласил неговиот стопан за доживотен праведник.
„Тврдоглави“
од Славко Јаневски
(1990)
Истражувале како да се сочуваат, да останат толку колку што останале живи и пак, без караници, умно наслушнувајќи се еден со друг, се поделиле: едните мислеле дека е побезопасно да се патува дење, другите верувале дека ноќе не ќе сретнат никого дури ни на царски друм.
„Тврдоглави“
од Славко Јаневски
(1990)
Попот ги кадел момчињата со темјан додека црната брада страшно му штркнувала на сите страни, потоа првиот го поел со старо вино во кое настругал сив корен од линцура, а на другиот со капки маслинов зејтин во кои со години чувал пелин и рициново семе му извлекол од увото мртов црв или дрвеница или болва, сега е сосема сеедно синовите на бегот можеле пак да трчаат по полето и по стрмништата да вадат јајца од еребици.
„Забранета одаја“
од Славко Јаневски
(1988)