Ме восхитува твојот говор без аскеза
   без пауза клесан ко глинен глаголски натпис
   обоен и обол, со густ внатрешен
   ритам на мит и лира
   на плот и жедба
 
   твоето лице ко отсутност изгребано
   ко ѕидини на древни светилишта
   од рески и црти
   шифри и датуми
 
   ко забранета и жигосана книга
   по којашто се топела душата
   и го прелевала својот акварел
   не повторувајќи ниту еден
   потег.
               
             
           
            
            
              „Ерато“
               од Катица Ќулавкова 
              (2008)