Ноќта бргу падна, сијалиците го заменија сонцето во одајките и додека вечераа во кујната, со нурнат поглед во чинијата со манџа Пелагија го откри Егеецот Димостен, Влав од селата на Кожув Планина, човекот со дрвената нога, со убавото лице, со благиот глас, со косата што паѓа врз очите, рече додека тој се биел против фашистите со партизаните, го запалиле неговото село, со другите куќи изгорела и неговата куќа, ама во неговата куќа била неговата жена и деца и оти далеку во други планини со бојови зафатен за несреќата дознава дури кога и тој останал без една нога а се лекувал тука близу Скопје, во партизанската болница Катланово.
„Црна билка“
од Ташко Георгиевски
(2006)
Побрзо да свршиме работа, - рече со изговор својствен на Власите, што братучедите ги потсетуваше на говорот на оние Власи од бачилата брзнички.
„Будалетинки“
од Мето Јовановски
(1973)
На Биновци им притекна на помош самиот нивни анџија — „Бугаринот“ Мито, со сите Јенималци од Битола; на Дима — неговиот „Грк“ Крсте Нале, со сите џамбази и Власи од атпазар и токму на местото каде што Турците го обесија Алекса Турунџа се отвори „муаребе“(Војна).
„Крпен живот“
од Стале Попов
(1953)
Сонцето било свртено кон грчот на неговото лице.
„Тврдоглави“
од Славко Јаневски
(1990)
Сиот вилает, сиот Балкан, станувал сѐ повеќе прогонета волчица скучна од сомневања дури и кон својот род и пород, бил скаменето животно со душа благословувана само од пеколот - се раѓа на камен, живее на камен, ги лекува раните на камен да биде еднаш живот или вечна смрт; лежат кратовските кули на беговите врз прастар вулкански кратер и лежи на ист таков кратер Лесново со својот манастир, истината лава се купите и излеаноста над Мрежичко под Кожув, над Добро Поле под сенката на кајмакчаланските облаци и на Стара Чука кај Стојаково во Гевгелиско, во преспанските води се огледува со тага варовитата Галичица, Крушово е камен на камен; бегале пред исламски зулуми Мијаците од Дебар, оние од Река и Власите од подалеку и кревале своја крепост, се криеле во ниски врби на смирени варовници и по прнари Брсјаците, но и едните и другите, и исто толку и многу повеќе господарите, ги секле шумите, се градело, се горело, им се носел лисник на козите, потоа од планините се урнувале порои скрка и ги покривале неговите житници, на тој лом да се множат жолтогрлени гуштери и црни скакулци со тешки утроби - се шират степски и пустински површини, земјата уште само со прнар се закитува.
„Тврдоглави“
од Славко Јаневски
(1990)