Кога се сврте зад себе го најде она свое јаренце исправено на високите, тенки ножиња, скаменето, како споменик на убавината и на невиноста на дивиот свет, несфатливо далечно од него и залушано кон таа ведра ноќ, целото потонато во одбирањето на сите нејзини шумови, настрхнато на нејзината белина, а во неговата стојка како да беше собрана и сета белина и сиот раскош и му ги носеше и во таа малечка собичка, во тој малечок заграб од белото пространство на дивината.
„Белата долина“
од Симон Дракул
(1962)
Ветровите што со тебе ноќевале излетаа ко црвени пеперуги Патува сега таа румена шума таа добра сенка на твојата смиреност таа ведра чадовина О ружо на пладнето дали тоа во нас се населува нова вртоглавица Во белиот камен покрај патот израснува еден румен знак Твојот цут во каменот се враќа Дали е тоа предзнак и за нас што дојдовме многу од далеку во тихиот предел на спомените.
„Посегање по чудесното“
од Србо Ивановски
(2008)