Другпат сонува: фатиле големи студови; дрво и камен пука; да плукнеш, плунката ќе ти остане замрната на устата; силен ветер крева бранови од езерото и ја опсипува куќата, но брановите како што удираат на куќата, така се замрзнуваат; куќата се обложува од сите страни со мраз што свети како стакло и таа заличува како куќа од сказните; но кога почнува да ѝ студи во одајата, таа стрчнува да оди во тремот да земе дрва, но вратата е прекриена со мраз; кај има излез, кај има излез, господе, си вели и се тресе од студ.
„Свето проклето“
од Јован Стрезовски
(1978)