се (зам.) - кон (предл.)

БЕШЕ топол мајски ден кога тргнав од Солун по атинската магистрала, упатувајќи се кон морскиот брег на Егеј, кон Катерини, Платамон, Волос...
„Патувања“ од Никола Кирков (1982)
Тоа интересирање може да се доведе во врска со (како корозија) гадното абење на уметничкиот јазик, кое Дишан го признаваше откажувајќи се од „сликањето“, заплеткувајќи ги сѐ повеќе традиционалните конотации на уметничката постапка и стремејќи се кон (менталниот и оперативниот) постојан „развој“, од онаа страна на зачмаените и утешителни „суштини“ за „делото“ како објект.
„МАРГИНА бр. 8-9“ (1994)
Ете населба, то ест место, каде што христијанската верска догма не успеала сосема да ги надвладее паганството и митологијата, туку приопштувајќи се кон нив и испреплетувајќи се со нив, со нивните обичаи и празнувања се натоврила како со бесцени камења, и историјата, припокривајќи сосе малтер на легенди и преданија, печалела за други, за завојувачите, додека за тукашните ги резервирала страдањата, прогонствата и истребувањето, а заедно со нив правото на бој и правото од сето тоа да разгрнат епски духовни мегдани, кои, во текот на времето, неуките но интелегентни души на жителите на Потковицата ќе ги преобратат во фактичка своја историја и врз неа ќе прикрепат една колку рурална толку здрава и чиста егзистенција, која, пак, несполуките и поразите, кои се јавуваат како негација на сѐ живо и движно, ќе ги извиши на рамништето на својата вера во опстанокот и тука ќе ги озакони како судбински збиднувања во човековото битисување во овие краишта.
„Потковица на смртта и надежта“ од Миле Неделкоски (1986)
Сето ова и уште многу нешто кое до нас, за жал, допира пооредно или никако не допира, било или можело да биде запишано во тефтерот на господарите на Потковицата, Акиноските.
„Потковица на смртта и надежта“ од Миле Неделкоски (1986)
Божји избраници и заштитени со неговиот знак, или можеби, овоземни суштества, лукави политичари храбри мажи, кои, приклонувајќи се кон различните завојувачи и борејќи се прикриено против сите нив успеале да си ја дочуваат својата наслеба и својата самобитност?
„Потковица на смртта и надежта“ од Миле Неделкоски (1986)
Ова, последново, изгледа е точно, сета следователна историја на Потковицата на тоа управува.
„Потковица на смртта и надежта“ од Миле Неделкоски (1986)
- А ти би можел ли? потсмешливо ме праша Пенчо и веднејќи се кон мене ми ѕирна в очи.
„Улица“ од Славко Јаневски (1951)
Но ако еден народ ги изменува својот јазик и својата вера во едно кусо време и под силно туѓи влијание, самиот без свест однесувајќи се кон таа измена, тогаш тој се откажува од самиот себеси и од неговите интереси и се предава и себеси и нив на еден посилен народ, којшто ќе постапи со него и со нив како што ќе му биде потребно; Значи, да се откаже еден народ од својот јазик значи да се откаже тој и од самиот себеси и од своите интереси; значи да престане да гледа на себе со свои очи, да суди за себе и за другите со својот ум и разум, а да чека укажување за сѐ отстрана.
„За македонцките работи“ од Крсте Петков Мисирков (1903)
Во истата смисла ги употребувавме и ние, однесувајќи се кон себе, тие имиња.
„За македонцките работи“ од Крсте Петков Мисирков (1903)
Излегуваше последен од колата и пред него сите се потргнаа, правејќи му место и смешкајќи се кон него, а селаните, гледајќи го тој почит, се веднуваа и се оддалечуваа мрморејќи по нешто под мустаќ.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
Се исправил тресејќи се со склопени очи за да не ја гледа белината на нејзините коленици и пошол нишајќи се кон покопот на најстариот од дружината.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
Во очите за миг ѝ блеснала влага.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
Стрико Благоја, не вртејќи се кон него, го стисна лулето в уста.
„Кловнови и луѓе“ од Славко Јаневски (1956)
Снегулката раснеше, злокобно и бавно спуштајќи се кон него.
„Кловнови и луѓе“ од Славко Јаневски (1956)
- Свртувајќи се кон посовремени автори, решив да ја насочам антологијава кон нашите простори, па затоа вклучив уште еден расказ од поблиските средини, тоа е расказот на Милорад Павиќ „Чај за двајца“, инаку расказ кој може да биде занимлив за младата популација со развиена визуелна имагинација, со интерес за чудното, а не само чудесното, образована/воспитана информатички за комбинаторики, за една специфична игра на можното и неможното, за семантички пресврти и изненади; - Расказот на Павиќ, покрај расказот на Кортасар, на Борхес и на Маркес, спаѓа и во групата раскази кои ја најавуваат постмодерната, со нејзините фрагментарни комбинаторики кои и реалното го прикажуваат како нереално.1
„Црни овци“ од Катица Ќулавкова (2012)
Свртувајќи се кон Кејтеновиот син, му рече: - Кој си ти, ѓаволе? - и, не чекајќи одговор, му свирна една преку уши. Мислеше со десната рака.
„Големата вода“ од Живко Чинго (1984)
Во Пансионот на видно место стоеја и Правилата за однесување со кучињата во кои пишуваше: „На секое куче треба да му се почитува правото на природен живот; не смее да се злоставува и да му се нанесуваат физички и психички болки; секое куче има право на заштита и нега; треба да се сака такво какво што е, зашто тоа не е во состојба да бира сопственик, а сопственикот го бира него; ако не чини, треба да му се помогне да се поправи, а не да стане жртва на лошото однесување и изживување; не треба нетрпение и брзање веднаш да се научи на сѐ, ами треба да му се даде време да сфати што се бара од него; не треба без причина да се разлутува или казнува, зашто и тоа може да изненади, да врати; првиот удар тоа го простува, зашто мисли дека е случајно удрено, по грешка, но ако по втор пат го удриш, сфаќа дека е намерно и тогаш ударот ти го враќа со уште поголема мера и те замразува со сета своја душа; тоа најчесто е само и нема никого освен тебе: разговарај почесто со него и самиот ќе се изненадиш како те разбра; љубовта со љубов ти ја враќа; и тоа, како и човекот, има своја судбина: не придонесувај да му е тешка; ако остари, ослепи или оглуви, ако стане неподвижно и остане без заби помисли дека тоа може и тебе да ти се случи, зашто староста е иста за сите; не однесувај се кон него како кон некој обичен предмет, зашто кога ќе го изгубиш, ќе видиш колку е жално; испрати го на неговиот последен пат и размисли дека секоја смрт, било таа и на животно, е загуба за сите: еден живот помалку на земјата”.
„Животраг“ од Јован Стрезовски (1995)
„Придружувајте се кон моето темпо! Еден, два, три, четири! Еден, два, три, четири!
„1984“ од Џорџ Орвел (1998)
„Остани каде што си!“ рече гласот. „Сврти се кон вратата. Не мрдај!“
„1984“ од Џорџ Орвел (1998)
Свртувајќи се кон мене, го впери прстот и рече: Ако има чувство треба да има и грижа на совест за ова нешто...
„Јанsа“ од Јован Стрезовски (1986)
Анѓа се осмели да го погледне овој силен Турчин и просто си го виде својот сопствен сурат во неговиот и веднаш се вџаши, па почна да мрда со устата, ширејќи ги рацете за прегратка и вртејќи се кон него. – Ан... Ан... Ан... нгеле, брате!
„Калеш Анѓа“ од Стале Попов (1958)
Синот се врати со цена, ама јас никогаш тој ситниш не ти го дадов“, рече широкообрзестиот свртувајќи се кон Еда.
„Продавница за љубопитните“ од Мето Јовановски (2003)
По него фотографот, ротниот, двајцата фелдфебели, ефрејторот. Фотографот излезе пред групата, застана свртувајќи се кон нив.
„Будалетинки“ од Мето Јовановски (1973)
- Ех, - рече Методија, земајќи столче и приближувајќи се кон огништето да седне до огнот.
„Будалетинки“ од Мето Јовановски (1973)
Само направи врева: лошо куче залаја во дворот пуштајќи се кон портата.
„Луман арамијата“ од Мето Јовановски (1954)
„Од Новодеревјановское. Брат ми умрел. Божем од стомашна болест. Само толку. Веројатно од глад. Слично како и татко ти, Семјон.
„Жената на белогардеецот“ од Србо Ивановски (2001)
Од синот на братот“, објасни свртувајќи се кон мене.
„Жената на белогардеецот“ од Србо Ивановски (2001)
Можеби таа и од лиот е нападена. Ме разбра? - Добро,- рече Јоле, не свртувајќи се кон нас.
„Крстот камбаната знамето“ од Мето Јовановски (1990)
- Од мама ќе скријам, - си ветив, - таа сигурно ќе ми се изразвика и ќе ми забрани другпат да учествувам во такви гужви, - си мислев, возејќи се кон единаесеттиот кат на којшто живеам.
„Јас - момчето молња“ од Јагода Михајловска Георгиева (1989)
- Симнувајќи се кон реката, - продолжив јас, наидовме на една мала полјанка опколена од сите страни со високи борови.
„Јас - момчето молња“ од Јагода Михајловска Георгиева (1989)
„Ќе имам злато за цел живот!“ - си мислеше задоволно враќајќи се кон старецот.
„Билјана“ од Глигор Поповски (1972)