Сиот вилает, сиот Балкан, станувал сѐ повеќе прогонета волчица скучна од сомневања дури и кон својот род и пород, бил скаменето животно со душа благословувана само од пеколот - се раѓа на камен, живее на камен, ги лекува раните на камен да биде еднаш живот или вечна смрт; лежат кратовските кули на беговите врз прастар вулкански кратер и лежи на ист таков кратер Лесново со својот манастир, истината лава се купите и излеаноста над Мрежичко под Кожув, над Добро Поле под сенката на кајмакчаланските облаци и на Стара Чука кај Стојаково во Гевгелиско, во преспанските води се огледува со тага варовитата Галичица, Крушово е камен на камен; бегале пред исламски зулуми Мијаците од Дебар, оние од Река и Власите од подалеку и кревале своја крепост, се криеле во ниски врби на смирени варовници и по прнари Брсјаците, но и едните и другите, и исто толку и многу повеќе господарите, ги секле шумите, се градело, се горело, им се носел лисник на козите, потоа од планините се урнувале порои скрка и ги покривале неговите житници, на тој лом да се множат жолтогрлени гуштери и црни скакулци со тешки утроби - се шират степски и пустински површини, земјата уште само со прнар се закитува.
„Тврдоглави“
од Славко Јаневски
(1990)
Можеби причината беше немоќта да се создаде новиот идентитет на југословенската федерација на народи и народности врз хармонија на разликите, низ граѓанскиот демократски модел кој фаќаше корен во земјите во кои се урнуваше еднопартискиот систем, а не врз хиерархиска предодреденост на народите, врз потрага на конфедерален излез и други амортизери на монистичката исклучивост, која подоцна ќе мине и во националистичка еуфорија за владеење над своите и другите!
„Амбасади“
од Луан Старова
(2009)