се (зам.) - рони (гл.)

По патот што го отвораше зборот во сива небиднина Се рони веќе молкот бигорот набран в грло од око нечекано од кое блескал биљурот благ на љубовта Некогаш Се развева во разденот чемерот на осамата погледот дури се извива над мрачната шума на бидноста Свртено сѐ е веќе кон небесната роса на виделото
„Елегии за тебе“ од Матеја Матевски (2009)
Нетот стана прозорец на светот од него ни падна и наталитетот и сите шмизли го знаат редот па блицови фрштат во тоалетот Бог да го бие тој свет виртуелен живот компјутерски, извитоперен семејство збрано, ручек се тура трошки се ронат на тастатура Бутови, дојки, линкови од Цеца тетки у години бркаат деца врие манијаци, стари педофили женети дртала демнат по профили
„Проклетници“ од Горан Јанкуловски (2012)
Само снегот под скинатите цокули крцка та кцрка и од гранките, по секој посилен повев на ветерот, се рони студен шушлек.
„Големата удолница“ од Петре Наковски (2014)
Заробениот гулаб сѐ уште преташе со крилата. Пердуви се ронеа од неговото телце и се нишаа во воздухот како снегулки.
„Било едно дете“ од Глигор Поповски (1959)
Злото чкрта со забите, се рони песокот на пакоста, во животот ќе го добиеме тоа што има го даваме на другите.
„Жонглирање со животот во слободен пад“ од Сара Трајковска (2012)
Ја допира со раката, ја пофаќа, како да си го допира татка си; му се рони, му остануваат ронатинки од молци што ја издупиле оставајќи ѝ рани.
„Животраг“ од Јован Стрезовски (1995)
Клука како по мене да клука додека брезата се рони пред занемените дрвја.
„Липа“ од Матеја Матевски (1980)
Се распаѓа листот гранки пукаат и кората се рони во грдиот простор.
„Липа“ од Матеја Матевски (1980)
Се спотнав дури го стасав дури го навасав уморено предаденото кротко во раката предавничка како изморено јагне како птица премалена та почнаа да паѓаат гранки и да се ронат лисја и сокот да се меша со солзите и потта слегувајќи удолу кон земјата кон дното на мојата болка врз која се најдовме во прегратка среде тревите изгазени од купиштата дрва обајцата искастрени без вршки и без гранки со пресечени снаги сложени во камари додека седалата летаа без своите птици без своите сенки без нашите плешки во бездната на воздухот откорната од незасита.
„Липа“ од Матеја Матевски (1980)
Ги чувствувам ударите и тивкиот мирис на земјата што се рони.
„Бунар“ од Димитар Башевски (2001)
Едо имаше чувство дека телото му олеснува сведувајќи му се на пердув, чиниш сега беше оној момент кога пеперутките би можеле да го понесат својот кршкав лет, а потоа како истото тоа негово тело некаде длабоко одвнатре да му се дроби во ситен песок што се рони.
„Продавница за љубопитните“ од Мето Јовановски (2003)
Калија едно време стоеше без збор. Потем се заниша и брзо се откина од него, па се потпре на ѕидот: а ѕидот небаре почна да се лизга како пелте и да се рони како цветовите од смилјето што ги стегаше в рака.
„Вежби за Ибн Пајко“ од Оливера Николова (2007)
Леле, колку ми беше жал за него! Толку тажни солзи, немав видено никогаш дотогаш.
„Игбал, мојата тајна“ од Јагода Михајловска Георгиева (2000)
Саше престана да плаче гласно и продолжи да липа, тивко, без да испушти звук, само солзи му се ронеа низ образите.
„Игбал, мојата тајна“ од Јагода Михајловска Георгиева (2000)
Им се ронат ко зрна бело грозје, им се претураат преку долните капаци, им се тркалаат.
„Небеска Тимјановна“ од Петре М. Андреевски (1988)
По тоа колку се распознаваа стапалките Змејко сега лесно можеше да погоди дека самјакот беше поминат тука неодамна, најмногу пред два часа, додека се зазорувало и додека се ронеле ретките снежинки; тоа можеше да се види добро во оној лесен слој наврнат снег во стапалките, и по сета изоставена ира од обете страни по снегот, поминувајќи по кој оној таму веднаш и се капел.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
Всушност тоа секогаш беше само едно од тие дрвја, кое ќе стореше само едно движење, едно такво движење како кога се сонува тежок долг и морничав сон, и секогаш тоа беше само една ветка, што се исправаше нагоре како празна дланка во несвесно замавнување што оттурнува нешто од пред своето лице, додека под неа се ронеше истресениот окит.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
Прозорците на станицата се тресат, се рони варта од ѕидовите, од таванот и ти се полнат ноздрите со прав.
„Свето проклето“ од Јован Стрезовски (1978)
Жетвар жнее, в поле клас се рони, солнце пече, зрее жито златно, бујна песна, низ полето ѕвони: „Дејди, Јано, дејди мила душо, дал' навезе Гоцевото знаме!“
„Мое село“ од Ванчо Николески (1950)
„Август е месец деветстотрета, на нива клас се рони...
„Мое село“ од Ванчо Николески (1950)
Животот на Мајка се ронеше во спасувањето на своите чеда, дури и кога стаса во доба чедата да го спасуваат животот, таа се повлекуваше во школката на својата осама, во домот со татковите книги, секогаш со жилава надеж да нѐ дочекува од некое враќање.
„Амбасади“ од Луан Старова (2009)
Го покрија небото, небаре се ронеа ѕвездите.
„Времето на козите“ од Луан Старова (1993)