Закатанета му е устата и сал му се присторува ли дека во него се клокоти, дека дури сега од него се откорнуваат долго закоренетите пароли кои ја гласеа и утврдуваа вербата во некое подобро утре...со кое растеше, зрееше и созреваше.
„Големата удолница“
од Петре Наковски
(2014)
Но, многу е избришано, бледо, зашто човековото паметење, со текот на годините, е измамливо, понекогаш несигурно, сомнително... иако е пренатегнато и преоптоварено со спомени, кои полека исчезнуваат, одумираат, времето ги испива, ги исцедува и смрачува, ама и покрај тоа нешто останува длабоко врежано и тешко се брише, не се кине и не се откорнува...
„На пат со времето“
од Петре Наковски
(2010)
Понекогаш Мил низ прозорците ја гледа борбата на ветровите што често се собираат над селото да се бијат; се бијат, Северецот и Југот, Источникот и Западецот, а во таа борба понекогаш се замешуваат и помалите ветрови и почнува еден општ метеж, хаос; час еден ветер зема превласт, час друг; во таа жолчност се кршат дрвјата, паѓаат ќерамиди од куќите, се рушат оџаци, пукаат прозорците, летаат снопови 'ржаница, паперка; се откорнуваат фиданки, младици се витлаат, лисја сламки, пеплишта; фиукат ветровите, урликаат како дивина, се витлаат по земјата, се креваат нагоре, фаќаат широк простор кон небото, и пак се спуштаат над селото и над брегот раскинувајќи го и чадот од дувалото во таа нивна борба.
„Јанsа“
од Јован Стрезовски
(1986)