Ете населба, то ест место, каде што христијанската верска догма не успеала сосема да ги надвладее паганството и митологијата, туку приопштувајќи се кон нив и испреплетувајќи се со нив, со нивните обичаи и празнувања се натоврила како со бесцени камења, и историјата, припокривајќи сосе малтер на легенди и преданија, печалела за други, за завојувачите, додека за тукашните ги резервирала страдањата, прогонствата и истребувањето, а заедно со нив правото на бој и правото од сето тоа да разгрнат епски духовни мегдани, кои, во текот на времето, неуките но интелегентни души на жителите на Потковицата ќе ги преобратат во фактичка своја историја и врз неа ќе прикрепат една колку рурална толку здрава и чиста егзистенција, која, пак, несполуките и поразите, кои се јавуваат како негација на сѐ живо и движно, ќе ги извиши на рамништето на својата вера во опстанокот и тука ќе ги озакони како судбински збиднувања во човековото битисување во овие краишта.
„Потковица на смртта и надежта“
од Миле Неделкоски
(1986)
Подоцна, многу подоцна, се чуло во Кукулино од некои кираџии дека се вратил оддалеку маж ѝ на Фиданка Кукникова и исекол поголема гранка од дуњата во дворот, ја исчистил од кора и ѝ ја измерил тежината со десната рака, бил висок, со светла коса и имал во торбите и дисагите што ги донел на маска секакво богатство; веднаш, со првата ноќ на неговиот втор живот во Лесново, ги спобркал сенките што се грчеле со машки воздишки околу неговата куќа сѐ додека не натерал тројца никаквеци да се напикаат во манастирот па тој таму без збор ја дигал и ја спуштал ластегарката поттикнуван од цел куп жени што дошле да ги собираат своите парталковци и да ги лекуваат дома од модрици и навреденост со толчен печен кромид во зејтин, потоа, по три или четири месеци, кога можело да се види дека прочуената убавица затруднела, попот знаел дека ќе остане без нова кошула, без нови чорапи и без куќа иако Доце Срменков му рекол дека ќе му купи нови опинци и, повторно облекувајќи ја везената кошула, отишол во некое штипско село по осамена вдовица со момченце од три години и со покуќнина што можела да се натовари на два магарешки коша, така било, селото се наполнило со доенчиња до првата протока на ракиските казани во сувите дни кога младите татковци се насмевнувале со модри усни кон Фиданкиниот маж од чија ластегарка сѐ уште накуцувал ситноглавиот Гавруш Пребонд но тој и порано со есенските 'рѓи чекорел под тешката облека со една здрвена нога од настинка и веќе се пеело, законите на Лесново или биле измислени заради дојденците или се заборавиле, и се кршел каменот по пештерите, впрочем и можело - на небото потрепетувале многу повеќе ѕвезди отколку што ги паметеле луѓето во тоа кратовско село.
„Тврдоглави“
од Славко Јаневски
(1990)
Сето ова и уште многу нешто кое до нас, за жал, допира пооредно или никако не допира, било или можело да биде запишано во тефтерот на господарите на Потковицата, Акиноските.
„Потковица на смртта и надежта“
од Миле Неделкоски
(1986)