се (зам.) - насети (гл.)

Но нивното настапување можеше да се насети уште низ разните системи, општо нарекувани тоталитарни, кои се појавија на почетокот од векот, а главните контури на светот што ќе произлезе од преовладувачкиот хаос одамна веќе беа јасни.
„1984“ од Џорџ Орвел (1998)
Инаетот повеќе може да се насети во човековиот инстинкт, во делот на неговата анимална природа, недовршеноста во еволуцијата.
„Балканвавилонци“ од Луан Старова (2014)
Сепак, може да се насети замаената, влажникава магла од течни јадења што се прелева низ улицата како благ рев на припитомено куче. ***
„Слово за змијата“ од Александар Прокопиев (1992)
Се насети светликава романтичност во нашите очи која се надополнуваше и засилуваше од отсјајот на свеќата.
„Знаеш ли да љубиш“ од Ивана Иванова Канго (2013)
Од јасните и не толку вешто прикривани алузии на Х.Х., можеше јасно да се насети и разграничи што беше плод на неговата изворна интелигенција, а што дел на постојаните инструкции од семоќната Централа.
„Атеистички музеј“ од Луан Старова (1997)
Впрочем, можеше лесно да се насети, колку и тоа вешто да го сокриваше, дека не беше обичен рецепционер.
„Атеистички музеј“ од Луан Старова (1997)
Може да биде облачно претпладне во јули: Вкус на пепел може да се чувствува во воздухот; може да се насети и мирисот на дрвото што се топи на огништето; да се почувствуваат натопени цвеќињата; да се прошета усаменички низ опустошени шеталишта...
„Љубопис“ од Анте Поповски (1980)
Таму каде што таа симбиоза може да се насети како далечно претчувство, таа не произлегува од формалната проткаеност на наративното со поетско и обратно, туку токму од непомирливата различност на тие два прозно-поетски света кои помеѓу себе разменуваат тајни знаци.
„Захариј и други раскази“ од Михаил Ренџов (2004)
Го загрижуваше нешто друго. Нешто што сѐ поизразито се чувствуваше во воздухот, ниски облаци, како капа, седеа над Чукарот, некаде во височините над долината се чувствуваше невидлива брканица на ветровите, а во воздухот веќе можеше да се насети близината на снегот.
„Бојан“ од Глигор Поповски (1973)
Можеби и затоа воопшто не ме исплаши оној дел од неговиот предлог во кој можеше да се насети присуството и на мало сомнение.
„Синот“ од Србо Ивановски (2006)
- Ќерката ме напушти - рече со шепот но и во шепотот можеше да се насети болката на гласот.
„Летот на Загорка Пеперутката“ од Србо Ивановски (2005)
Бевме во добата на невиноста, кога со допирот и слухот, со вкусот, со мирисот и со погледот, може да се насети она што е отаде појавното; кога ни се чини дека дури и низ предметите тече крв.
„Сестрата на Сигмунд Фројд“ од Гоце Смилевски (2010)
Бевме во онаа доба кога не се ни насетува дека еден ден сетилата ќе бидат само дел од заробеноста во просторот и времето, а не дел од трепетот и од насетувањето на нешто што е отаде, ќе бидат само сведоци на материјата во која веќе нема да може да се доживее онаа нежност, онаа топлина.
„Сестрата на Сигмунд Фројд“ од Гоце Смилевски (2010)
Тој ја ценеше кај Чанга природната искреност, чувството за реалност, слеаноста со животот, инстинктот да се насети злото, трагата на ѓаволот.
„Времето на козите“ од Луан Старова (1993)
Зар не знаев дека седи на такво место од кое може за луѓето многу да се узнае и од каде работите најлесно можат да се насетат па дури и лично да се видат.
„Жената на белогардеецот“ од Србо Ивановски (2001)
Татко беше задоволен што разговорот се пренесуваше на јагулите, но уште не беше начисто за крајната цел на неговиот собеседник, макар што таа и можеше да се насети.
„Патот на јагулите“ од Луан Старова (2000)
Веројатно, во некои посебни услови и специфични околности, може да се насети па дури и да се наслушне незапирното ширење на материјата, со онаа неочекувана ненадејна експлозија како објава на свршетокот.
„Желките од рајската градина“ од Србо Ивановски (2010)
Се сеќава, чувството на бессилие, на недоверба, и некоја лутина што таму, на фронтот негде на Кожув, избликна од него како ненадеен вруток, беше причина да ја напушти воената единица на потполковник Дрангов, да го фати ризичниот пат што водеше низ линијата на фронтот и едно зимско утро во 1915- та да се најде дури на Солунското џаде од каде можеше да се насети и мирисот и здивот на Белото море.
„Желките од рајската градина“ од Србо Ивановски (2010)
Можеби и самиот не го знаеше тоа.
„Црни овци“ од Катица Ќулавкова (2012)
Бигорот што му го беа оставиле овие мисли и ова страдање можеше да се насети по зграгорениот, вџасен поглед на неговите светли, продорни очи, по бледото, испиено лице, по предвреме побелената разбушавена брада.
„Црни овци“ од Катица Ќулавкова (2012)