се (зам.) - граба (гл.)

Дервишите излезени од циркускиот плакат танцуваат во истиот пустински предел, во кој раздразнетата толпа се граба за крвавата слезинка, џигер, бубрези, изгнасени од прав и мравки.
„Слово за змијата“ од Александар Прокопиев (1992)
Кучињата и мачките скокаа и се грабеа. Нивното тешко повраќање, ги разбуди игуменот и отец Иларион.
„Злодобро“ од Јован Стрезовски (1990)
Бригадирите викаат, а ние се грабаме за момирокот.
„Небеска Тимјановна“ од Петре М. Андреевски (1988)
Мислеше само дека тој никогаш, воопшто никогаш, воопшто не и не и не би можел да се граба сега по таа зашеќерена пченица и да ја јаде неа, не дури ни сега, кога се работеше; за еден туѓ татко. Не. Никако. Никако. Избега.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
Нови јата риби надоаѓаа и пласкаа во плитката вода крај брегот, прпелкаа како фатени во мрежа: се пикааа во трските, во шеварот, во водните растенија и испуштаа чудни шумови и клобурци над водата; шумеше водата како подземни извори да се креваат; пиштеа галебите и сите езерски птици кружејќи и налетувајќи на рибите; трчаа луѓето, довлечкуваа кошници, сепетки, кошови, вреќи, и ги полнеа со риби; довлечкуваа и магариња, коњи, ги товареа со риби, се грабаа меѓу себе, се караа, се пикаа во езерото, заграбуваа поголеми и попресни риби; ги соблекуваа кошулите, панталоните и со нив фаќаа за да не им се лизгаат рибите од раце; се крвавеа во прстите од нивните перки, од нивните крлушки, удираа по нив со ости, со вили, со виљушки врзани на стап за да ги скротат и да не им бегаат од раце; се мешаше водата со крвта од рибите и од рацете на луѓето.
„Свето проклето“ од Јован Стрезовски (1978)
Треба да се граба од животот.
„Диво месо“ од Горан Стефановски (1979)
Се сетил на дните кога бил млад, кога се грабале за него и девојките со мираз.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
Без објаснување во себе и за себе, темен и тромав, неприродно наведнат над живото петно во мантија, со претчувства барал да ја прочита вистината од челото на заспаниот, најпосле, навистина, куќата горела, некој пуштил од дланка пламната птица врз 'ржениот покрив, Гавруш Пребонд или попот Панделиј Каламарис, и тој станал бескуќник; спиел во тесниот дом на шурата Адам Лесновец, јадел негови компири, благословувал на софра со негово вино и осамен бил: не му треба жена, топло месо под ленена кошула и подвижни мали дињи под кожата на градите, му треба мајка на двете негови деца.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
Како по наврапито стишување на невремето, кога птиците во исто време ќе се разгракаат, па во радоста што го преживеале, ќе почнат со клуновите да се грабаат за една иста мушичка.
„Синовски татковци“ од Димитар Солев (2006)
Претставите се грабаа за простор и се менеа.
„Кловнови и луѓе“ од Славко Јаневски (1956)
Луѓето се грабаат, се нафрлуваат, кубат од месото. А тоа живо не се кубе.
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)