баму ја, седиме така во темницата и се плачеме, сакаме да го подзапреме времето, да се оддалечиме од смртта што нѐ чека, јас веќе си ја гледам мршата како ја раскопуваат дождови, како скапувам и се смалувам, се гледам пред себе си, така, како своја слика да држам в раце, само Силе Плевнеш грчи во ќошот, бичи некои глуждови трупци, ама времето кој го запрел досега, го запирале царови, кралови, тепачи, арамии, врачари и јаки луѓе и никој не останал со него и како што седам така, оп - се обзорува, некоја бесшумна светлинка ни влегува на прсти во собата и со светлината влегуваат и војници, оф мори мајко, ајде вика старшијата, Силе Плевнеш уште грчи и старшијата го клоцнува в слабина и овој рипнува, си ги брише слинките околу устата, сакате поп да ве исповеда, јас не сакам, вели Силе Плевнеш, и без поп господ ќе дознае за нас, знае тој дека на правина нѐ земате на душа и после нѐ поредуваат во дворот пред затворот, а Стеван Докуз пак приплакува, ги покрива очите, што ќе му правиш: тој ти е другар во несреќата, „пријателот ти е роднина кого самиот си го одбираш“ велеше Лазор Ночески, а војниците чекаат со пушки пред нас и ете го дојде тој, офицерот, се тетерави 121
„Пиреј“
од Петре М. Андреевски
(1983)
и уште од далеку мириса на ракија, барем сега можете да кажете чии шпиони сте, вели, не оставајте ѝ товар на душата дури ќе го барате патот кон небото, кога ќе ја качувате кон господа душата, вели, на правина нѐ земате на душа, велиме ние едно задруго, прескакулица ни одат зборовите, ние сме сиромашни луѓе, печалбари, ебати небото и ебати господот, сичките сте од Македонија, сите, викаме, сичките, по зборот сте оттаму, вели, и моите родители се оттаму, ама вие немате пашапорти, верувајте ни, господине, ние сме селани и не знаеме да лажеме, јас ви верувам, ама другите не веруваат, вели офицерот, моли господине, велиме ние, прави еден голем манастир, тој ја фатил главата и со дланката ја потпира под брадата, се мисли, се двоуми, па потоа се враќа назад, ние чекаме, си шепотиме молби и молитви до господа, белки има господ, вели Стеван Докуз,
„Пиреј“
од Петре М. Андреевски
(1983)