Уште една паралела со историјата на Србија: да беше Србија незадоволна од својата судбина во државата на Немањиќевците, таа ќе правеше обид да се ослободи и да им се спротивстави ним со стремежот да се присоедини кон Бугарија; но обидот ќе беше направен и ќе доведеше до саканите резултати само ако дозволуваа историските околности; но последниве не го дозволија тоа и Србија се помири со околностите и беше загубена за Бугарија.
„За македонцките работи“
од Крсте Петков Мисирков
(1903)
Почна да тоне во некаква млакост, во која сите работи добиваат некоја чудна извртеност, некоја лудечка испреметканост, а пред некој негов внатрешен поглед, кој остануваше постојано да дебне и во тој полусон, кој беше исто така негов и исто онака вистинит, тој се прегрнуваше со некои двајца луѓе, што требаа да заминат, а веднаш потоа ги гледаше оние двајца како застануваат крај патеката, како дрвјата, пренатрупани со окит, од кого веѓите им беа сосема бели, а со него се прегрнуваа сега и исчезнуваа полека по снегот нагоре, едно по друго, сите тие дрвја, а тој им намавнуваше ним со рацете, со сите свои десетина раце, од кои како бели перници се стреснуваше некаков окит, а за сето време некој некаде продолжуваше да го дупчи тоа, да го пробива, се мачи постојано да го пробие, со некаква долга шилка, бела и цврста како заб, како од слонова коска, но она се надига пред таа шилка и таа ниеднаш не успева да го продупчи...
„Белата долина“
од Симон Дракул
(1962)