Сите човечки извици на страв и на гнев, онаа животинска гласност пред која и побеснет ѕвер ќе ја свие опашката, се слеале во продолжен крик што го преплавувал боиштето со сила на бескрајна и густа вода под која ќе останат загатливости на човечкото ништење, како и секогаш кога тој човек се борел и колел и бил уништуван заради поголемо парче земја за да гние потоа на најмал простор под крст или под исправен камен со изрезбана чалма на врвот, под чалмата со железо ископана мудрост на Коранот.
„Тврдоглави“
од Славко Јаневски
(1990)
Тој човекоморен виор, сеедно кој од каков сој е, од каква вера и какво потекло, им го пиел мозокот на луѓето и им ги јадел срцата, и никаков господ не можел да создаде поредок во кој ќе се живее и ќе се умира како што му доликува на најумното и најулавото суштество на светот што секогаш се движело по границата на доброто и на злото, ту со ум на една страна ту со срце на друга.
„Тврдоглави“
од Славко Јаневски
(1990)