ги (зам.) - заколе (гл.)

Уште есента дојдоа грчките андарти (кои пред две три години ги поклопија селата: Градешница, Будимирци, Старавина, Бзовиќ и Груништа, оние каде што Толе паша собра најмногу востаници на востанието за да го брка Турчинот) на манастирот свети Илија во Мелница и ги заклаа сите петмина момци со десетгодишното дете на маѓерот Стојка, оставајќи го дедот Сталета сам во неговата кула, откако им вети дека и тој ќе се погрчи и ќе им помага во нивното „свето дело".
„Крпен живот“ од Стале Попов (1953)
Мене жената и децата тие поганштии ми ги заклаа и колку да сум Божен, јас сум и човек.
„Крстот камбаната знамето“ од Мето Јовановски (1990)
Стаматијадис сите ги заклал, наклал во куќата слама и голашки и ја запалил.
„Крстот камбаната знамето“ од Мето Јовановски (1990)
Бајко беше голем итрец и, на времето, смисли итроштина, иако за тоа плати дванаесет перпери казна: го запусти лозјето, ја префрли земјата на брат му, ги закла свињите, ги олапа говедата и овците, ги грабна само суџуците, пастрмата и, едно, две, еден ден ги собра Бајко Марија и малечкиот Петрета кој изгледаше помалечок и од што беше, и се префрли во манастирот Свети Ѓоргија - Горг над реката Серава и ридот Вергин.
„Вежби за Ибн Пајко“ од Оливера Николова (2007)
Завршувањето на војната луѓето го прославија шеметно: ја собраа сета комина што ја имаа по бочвите и каците и ја турија во селските казани да се вари; црпеа луѓето со чашки, со канчиња, заграбуваа со грсти уште од првата протока и пиеја; пиеја како да се натпреваруваа кој може повеќе да испие, кој може побргу да се опијани, збрлави; се бацуваа меѓу себе, се гушкаа, се миреа скарани, си ги отпетлуваа кошулите на градите и си ги даваа срцата еден на друг; ги собираа шлемовите од војските расфрлани по бавчите, ги навираа на колови и ги гаѓаа или се мочаа во нив; трчаа по секое преживеано добиче да го колат; се правеа заеднички гозби на широкиот пат крај езерото; кој како ќе донесеше нешто за колење, така луѓето викаа: „Придај господе!“ и му го удираа ножот; кој немаше добиче, носеше кокошка или петел; петлите, пред да ги заколат ги испијануваа со ракија: нивното кукуригање беше највеселото нешто: се натпреваруваа кој од кој посилно ќе пее.
„Свето проклето“ од Јован Стрезовски (1978)
МИХАЈЛО: Ги заклаа овците. (Пауза) Шетам навечер и само чекам некого да сретнам. Нешто да се случи. Мислам нешто само што не се случило!
„Диво месо“ од Горан Стефановски (1979)
На првите ќе им ветиме помош во борбата за слобода, ќе ги насрчиме да ги заколат другите, потоа ние ќе ги заколеме нив.
„Диво месо“ од Горан Стефановски (1979)
Мртви, вратете му се на својот свет! Но мртвите останале таму кај што ги закопале живите.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
Над заедничкиот гроб на момчоците што пред три години ги заклале преостри јатагани, неколку мајки, како и секогаш во претпразнични ноќи, доаѓале со свеќи да се молат за синовите, најмладите светци во стојбината.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
Велеа дека едни пцовиса, дека други волци ги заклаа.
„На пат со времето“ од Петре Наковски (2010)
Со помош на една од најадите, за одмазда, ги заклал синовите на својот брат Тиест, одбрал парчиња од месото, ги сварил во казан и му ги принел како добредојде (заб. на прев.). 11 Намисла толку злокобна / Ако не е достојна за Атреј, достојна е за Тиест (заб. на прев.). 12 Prosper Jolyot de Crébillon (1674–1762), француски драматург (заб. на прев.).
„Црни овци“ од Катица Ќулавкова (2012)
А Мирковиќ не сака заклан. Сите да ги заколиш не ти признава.
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)