4.
Стрвна спирала
Штом премногу претскажуваш
стрвна астрална спирало
милост имај за трпеливите
за лифчињата на душата
врз коишто го истураш штедро
твоето мастило
моровата моќ, индигото
од тебе зависи дописот со небесата
ритамот и римата, или и ти
не можеш ништо
кога густината се ретчи
комплексите малаксуваат
согласјата се упростуваат -
само Отецот сам самцат стихува
сушноста – сушта суштина
суштествено суштествува
всушност, меѓу четири ѕида стисната
слободата ѕирка, се ѕвери
нагоре, а таму (уууууууууууу)
сѐ се движи во обратна насока
гледано одоздола
ааааааааааааааааа:
или времето оди наназад
или човекот е свртен наопаку
опак Закону, злорад Реду
приказание, Име имаш ли?
„Ерато“
од Катица Ќулавкова
(2008)
Се стемни додека ги исшета само неколку од четириесетте, појде од Тахта-кале маалото, па по Капан-џаде и Гази-Лала, слезе на Карадак и Кебир Челеби, а додека севезден се ѕвереше нагоре, небаре од ова или она ќоше на сокаците ќе го види туљбето на Гази Баба, снегот редеше и редеше, и врз неговите опинци и опутите, и врз клепките, ушите завиткани во шал, така и врз керамидите на куќите што му се бендисаа, убави куќи, ниски и двокатни, градени цврсто од тврд керпич, од чии пенџериња го гледаа вцрвенети детски обравчиња што крцкаат оревчиња, а лушпите не ги фрлаат надвор, преку џамот, туку ги собираат и метат како што е редот на чистотата и како што игуменот ги подучуваше во манастирот.
„Вежби за Ибн Пајко“
од Оливера Николова
(2007)