Ризо Ушков ги прејде преку Црна и во Гудјаково им ги теслими на Ивана Колев и Стевана Војчев, овие му ги предадоа на Димитрија во Вепрчани, кој ги одведе до поп Пана Мицев во Беловодица и за неполни два дена, односно две ноќи, се најдоа во Оревоец, откаде Диме Бачко го извести прилепското раководство на чело со Јордна Стамболџија, Јован Грабула, Алексо Гермовчето и Алекса Бајракот, та дојде и до средба.
„Толе Паша“
од Стале Попов
(1976)
Во Градешница фрли мерак на убавата Неда Романова, та го натера стариот поп Тодора да го венча горе во ливадите; во Старавина и го слушна гласот на Марија Милетова кога го опљачка Сивета и, кога ја викна да ја суди што одела со Мушон Евреинот од Битола, кој имаше дуќан во Старавина, место да ја осуди, тој се загледа во неа и си ја фати посестримка за тоа село; во Бзовиќ пак се фати свети јован со Петрета Мијаков заради неговата млада Севда; во Вепрчани со Јана Којдова, и така со ред, та и од таа страна си го уреди животецот: да не му врви времето напразно.
„Толе Паша“
од Стале Попов
(1976)