Криевте од мене, но јас, иако бев малечка, сфаќав дека нешто се случува: чудно ми беше сето она што го правевте; но како што растев, сѐ појасно ми стануваше тоа; не можеше да ми избледи и да ми исчезне она што ѝ го правеше на мајка ми: ја тераше да носи појас на мевот; ја тераше одвреме-навреме тој појас да го зголемува, да му приклава дипли со памук и крпи, да го заоблува мевот што поприродно да изгледа; ја предупредуваше да се пази од луѓето и од нас децата, но кутрата мајка не можеше да се допази, да се дочува: кога тоа го забележав една вечер, не ме фаќаше повеќе сон; се преправав дека спијам, а гледав како таа скришум го вадеше појасот и на месечевата светлина дошиваше уште дипли.
„Свето проклето“
од Јован Стрезовски
(1978)