А Американците се сторија три да му судат на хакерот од Лондон Кој еднаш им беше напишал во компјутерскиот систем Дека американската надворешна политика Е слична на државно спонзорираниот тероризам Многу му беа бесни Американците на хакерот од Лондон Оти знаеја дека тој повеќе ги изрезили Од пијаните офицери кои некогаш ќе задоцнеа со симнувањето на гаќите При празнењето на бешиката и на дебелото црево Ние коалите слатко си се потсмевнувавме Оти на дело се покажа пред очите на цел свет Дека ако сме дембели не сме барем мочковци и серковци И дека тие работи си ги вршиме на раат Откако ќе сониме дека сме качени многу високо на дрвото Или ќе се видиме во огледало со венец на глава А што е најважно кога одиме по нужда Со саати читаме стари весници и секси ревии.
„Сонот на коалата“
од Ристо Лазаров
(2009)
Бевме седум ученици: на прво место Љакето, тој што кркна тресеница од татка си на свети Никола; Нешко на Мија Метелов од Долно Маало, Ноаче на Дамјана Вржов – се сторија три, па Моне на Тасета Ќутурко- четири, па јас и бате Николче наш (после ќе видите што унер беше со бате Јолета наш) и седма беше Ѕвезда, чупиштето на Павлета Ќорвезирот, како што ја викаа зашто таа само со нас машките се дружеше и наместо да игра со крпчиња и игли, таа барабар со нас делкаше пушки и јатагани.
„Крстот камбаната знамето“
од Мето Јовановски
(1990)