Туку шуќур си велам денеска што е недела Па поповите имаат венчавки и крштевки И немаат време за визитации на коали и други сонувачи На сон поп ако ти дојде ќе ти напраи триста лошотии На сон владика или поп и за ѓаволи се веруваат А богами не се чуло дека и на јаве ги есапат за ангели Така барем велат дојденците од Македонија кои своите попови Повеќе се среќаваат по судови одошто по црквите За да расчистат како може тоа што народот го изградил Да не биде народно ами попово И како може некој да биде овчар ако нема стадо И многу имотно-правни а не духовни работи Расчистуваат македонските попови по австралиските судови
„Сонот на коалата“
од Ристо Лазаров
(2009)
Дури есента, кога тргнуваа да си одат назад, кон дома, со сите кираџии, што ги товарија нивните алати и сѐ друго нивно од бараките, а зад себе оставаа една нова петокатница во градот, неа можеа сега да ја гледаат и да бидат задоволни од тоа каква беше бела и воздушеста, дури есента, кога го оставаа тој град, разубавен со уште едно нивно здание за векување, тој бел град некаде по белиот свет, по нив се забра и еден испокинат младич, кој по многу нешто личеше на сите деца, што се среќаваат по станиците, бос и сам, држејќи го постојано растојанието меѓу тајфата и себе толку големо за да не може да го достаса никој, кога би се пуштил назад да го фаќа.
„Белата долина“
од Симон Дракул
(1962)
Макар колку луѓе да среќавав по движењето во центарот, па и по улиците на Келн и на неговата станица, која сама за себе претставува посебен град, не можеше да се забележи, барем видливо, дека овде навлегла макси-модата.
„Патувања“
од Никола Кирков
(1982)