Кога медитирам, се враќам таму и го слушам секој удар на ветрот што ја бранува водата.
„Читај ми ги мислите“
од Ивана Иванова Канго
(2012)
Се печеа на сонцето во жешко време, се пикаа еден во друг кога ќе застудеше навечер, се покриваа со ќебиња и мутафи кога ќе заврнеше дожд и стануваа жива вода; кога ќе заплускаа громови крај нив, се крстеа и го молеа бога да ги одминат; дење ловеа риби, ги следеа со очи облаците кои се згуснуваа и разретчуваа, го гледаа нивното престорување во некакви чудовишта и нагаѓаа ќе има ли дожд или не; го гледаа сонцето кое час се заплеткуваше во облаците, час подизлегуваше за да светне и да покаже дека е тука; ноќе пред за заспијат гледаа во ѕвездите, кои како што одминуваше ноќта, сѐ повеќе се намножуваа и стануваа поголеми и како да се спуштаа надолу; ја гледаа месечината која секоја ноќ се тенчеше и го изоструваше својот светол срп триејќи се од облаците; го слушаа секој шум на водата што во ноќната тишина јасно се разносуваше час потивок, чад посилен и по него дознаваа дали езерото ќе се вознемири или не.
„Злодобро“
од Јован Стрезовски
(1990)
Ѝ даваа селаните и покривачи и перници, виљушки и лажици, чинии и чаши, чорапи, фанели, кошули... и немаше ден камбаната да не удри на мртво и се пренесуваше дека тој и тој загина и плачење се слушаше секој ден во селото.
„На пат со времето“
од Петре Наковски
(2010)