свети (гл.) - во (предл.)

Светат во сите насоки пред сончевите зраци – се убеди Еразмо. - Сѐ околу нас свети.
„Мудрецот“ од Радојка Трајанова (2008)
Ги враќаат меѓу кафезите, светат во мракот.
„Небеска Тимјановна“ од Петре М. Андреевски (1988)
И свети во таа темнозрачна мрежа како мрачно сонце отровно!
„Папокот на светот“ од Венко Андоновски (2000)
Пелагија се стаписа на местото, се стаписа од благиот глас на жената и полека, полека, со така да се рече надчовечки напори ја заврте главата и жената влезе во нејзините очи веднаш тука зад вратничката, а со неа и целата градина и куќичката со последното сонце плиснато по белината на ѕидовите, и вратничката се отвора на внатре, насмеаната жена ја влече натаму, ѝ прави пат за да влезат во градината Дојдете, златни, да си поседиме пред мојава врата, со денови, мори златна, да не речам со години, те гледам поминуваш од тука со момичево во рацете и со некоја голема болка во лицето, одамна сакав да те поканам да ми влезиш макар во градината ако не во куќата! и Пелагија нема сили да се спротивстави, таа дозволува мекиот допир на жената да ја води по патчето сѐ до поплочената ширинка пред вратата на куќарката каде што има малечка масичка и неколку столчиња без потпирачки наместени околу масичката и веќе седи на еден од нив, а на другиот до неа малечката Пела, и уште, уловува дека тетката седнува до неа без да престане да зборува Ако си калеша и со црно во срцето, ти си убава, и не знам дали има поубава од тебе, и по лицето ти се познава дека си и добра, твојата појава зрачи добрина! и во исто време претрчува внатре низ отворената врата и мислиш дека оди натаму а таа се враќа со подавалник на кои има чинивчиња со слатко и пресна вода во стаклени чаши Добро ми дојде, златна, во куќава, ајде, касни од слатково, јас самата го имам правено, онде од зад куќи, имам две дуњи, погледни, како сонцето што свети така и тоа свети, како твојата невидлива светлина, златна, како твојата невидлива добрина, златна, а тоа што свети во исто време и боли, мила, твојата невидлива болка, касни, заблажи се, ти ја знам болката, со денови, со недели, со месеци сноваш по уличкиве и бараш брлог оти онаа коруба сега е зграда, ене ја, ги надвишува сите куќи и вие морате да се иставите од таму, е, златна на тетка, не знам зошто, ама моето срце те одбра тебе, така да знаеш, те одбра тебе и оваа топка радост и оваа жолта заштита, вие да ми бидете радост на старост!
„Црна билка“ од Ташко Георгиевски (2006)
Немаше ниту една година откако се вселивме во овој убав, нов стан и сѐ светеше во него од грижливите работливи раце на мама.
„Друга мајка“ од Драгица Најческа (1979)
На вратата на трлото кое зедно со сите добиточни згради се најдува на западната страна на Имотот, то ест кое заедно со сите добиточни згради го сочинува западниот ѕид на Имотот и кое како што се тие поредени една до друга се најдува прво до Западната порта, со запалена вивка в раце ги пречекува Лазор Перуноски, Вели Шест се објагнија и ниту една засега немаме изјаловена и низ овците (дени стојат и ги дојат јагнината, други лежат свиткани набере обрачи и имајќи ги свиткани и вратовите муцките ги имаат положени на предните плешки, а очите, темномодри, им светат во темницата) и преку средината ги одведува на другиот крај на трлото.
„Потковица на смртта и надежта“ од Миле Неделкоски (1986)