Вели: „Нам, на селаните, среќата ни е променлива, а несреќата постојана“ , велеше Лазор Ночески и запре возот, штракнаа катанците, штрангите, се отвори вагонот и се рашири некоја светлина што се турна во вагонот што се бувна во нас и што после тргна по нас, и нѐ загледува така - гурелави, со пострупени клепки и усти, потечени под очите, со потргнати образи, обесени, разбушавени и со сламки, со осилки во косата, со кучешки болви; нѐ тераат војници, небаре метилави овци, пропрснати и со подмакани слабини, ни тропаат коските, војникот што ни отвори 119
„Пиреј“
од Петре М. Андреевски
(1983)
Светот настанал од влажен збор. (настанокот на светот според Догоните) во мигот на зачнувањето влажен е и воздухот и вагиналните ѕидови, температурата триесет и седум степени, умерено до значително облачно со услови за краткотраен дожд. никогаш не си земал часови пливање, но грбно ти оди добро. со секое проѕевање во матката по малку и голташ - протеини, јаглени хидрати, електролити и уреа. спокојно се нишкаш на тој воден кревет. како човечка рипка дремеш во мракот. потоа шок - со плач протестираш кога меурот ќе прсне и мокриот остров ќе се претвори во непрегледно копно.
„Сонце во тегла“
од Илина Јакимовска
(2009)